„Дали љубовта треба да боли?“ – одржана младинска работилница во штипскиот МладиХаб

Дали љубовта треба да боли? Ова беше темата на двете работилници, реализирани од страна на едукативната хуманитарна организација ЕХО, а наменети за младите поделени во две возрасни групи, тинејџери и повозрасни млади лица, кои се одржаа минатиот месец во просториите на МладиХаб – Штип.

„Работилницата имаше за цел да ги запознае младите за разликата помеѓу здрави и нездрави партнерски (емотивни) врски, да им предочи дека верувањата што ги имаме за љубовта понекогаш можат да бидат нецелосни и искривени претстави, да им укаже за можноста за злоупотреба од страна на партнерите, но и за тоа како да излезат од тоскични релации“, информираа од ЕХО.

Меѓудругото, велат тие, младите беа вклучени во конструктивна дискусија чија цел беше да ја поттикне свесноста кај нив за одредени предрасуди за љубовта кои можат за влијаат врз изборот на партнер и влегувањето и останувањето во врска и како да се охрабрат да разговараат отворено за аспектите на партнерските односи.

Активностите се дел од проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка на најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи”, финансиран од Европската Унија и имплементиран од УН ВОМЕН и ХЕРА.

Фото: ЕХО/Фејсбук