„Дактили“ со нов албум во потрага по рокенрол, поезија и љубов  

„Рокенрол, поезија, театар и многу, многу љубов… Тоа е она кое сакаме да го истовариме… Се насобрало во нас и мора да истече. Се прашуваме каде на друго место освен на бина? Таму, каде што со публиката играме пинг-понг, таму каде играме ватерполо во крв, пот и солзи… Таму ние сме живи! Се тргаат паравани и летаме во занес, ослободени“.

Вака составот „Дактили“ на Фејсбук го објаснува своето постоење и својата музика, која сега е сместена на нивниот прв албум „Рандом Дестинација“.

Албумот е прикачен за бесплатно преслушување преку „Јутјуб“, а гитаристот на „Дактили“, Ставро Ангелаков, за Радио МОФ вели дека се работи за состав што својот музички полет го започна во 2018 година.

„Членови сме јас, Милан Атанасов, Столе Велков и Душко Манушев. Но, често имаме и гости-соработници во бендот. И на албумот имаме гости“, вели Ангелaков.

Oбјаснува дека „Дактили“ не е само бенд, туку повеќе е колектив. Цела екипа се вклучени во приказната. Се надоврзуваат еден со друг. Сликари, режисери, актери, музичари, пријатели… Луѓе решени да направат нешто добро, квалитетно и издржано, по секоја цена, во секоја доба. И, веќе нема назад.

Самиот процес на создавање на „Рандом Дестинација“ ги научил еден куп работи, кои дефинитивно не би ги осознале доколку не се впуштиле целосно и искрено во него.

Омотот за „Рандом Дестинација“

„За идејната платформа на ‘Дактили’… Тоа е она што го правиме, што го слушаме, што го сакаме. Тоа е наш начин на изразување“, посочува Ангелаков.

Овој струмички состав веќе „нанижа“ повеќе настапи, меѓу кои предничат оние фестивалските како „Лузер фест“ во рамките на „Таксират“, потоа на „Опен фест“ во Струмица, фестивалот во Виница, но и последниот „Земјотрес“ во МКЦ.

„Свириме цело време. Сега треба да правиме и промоција за албумот. Уште не е објавена, но наскоро ќе се случува“, вели Ангелаков, додавајќи дека секогаше е добредојдена поддршка од медиумите.

„Дактили“ пред некој месец објавија видеоспот за песната „Убав ден“, сингл од албумот „Рандом Дестинација“.

Инаку, на албумот гостуваат и Саше Урдовски, Кристијан Новковски, Ќети Танчева и Панде Ефтимов. Деби парчето е снимано во студиото „Алшар“ кај Ивица Јанкуловски. Дизајнот на омотот е Никола Пијанманов.

Бојан Шашевски