Да се направи отстапка од забраната за движење, бараат сопственици на миленици

Отстапки за граѓаните кои ќе сакаат да ги изнесат милениците надвор на кратка прошета за време на полициски час, побараа здруженија и поединци, од кои повеќето живеат во згради. Реакциите се појавија откако Владата соопшти дека полицискиот час се проширува за викендите, односно во сабота и недела, ќе започнува во 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот.

Според Ѓорѓи Вивков, за поздравување е воведувањето на вакви мерки за побрзо и подобро спречување и намалување на ризикот од заразување со коронавирусот. Но, тој верува дека би можело да се направи отстапка доколку секој сопственик носи заштитна маска, ракавици, документ за миленикот и кеса за прибирање на изметот.

„Забраната е во ред, но јас мислам дека треба да се воведе барем 1 час, без разлика кога, ние што имаме миленици би можеле да ги изнесеме надвор да си извршат физиолошка потреба. И тоа исто така може да се регулира така што секој сооственик ќе носи своја лична карта и пасош/идентификација на миленикот за да се потврди оправданоста за излез. Ние не се собираме во групи и не се поздравуваме додека ги шетаме, едноставно и они имаат потреба како и ние“, вели тој.

Слично размислува и Александра Бабамова, која додава дека целосната забрана за вечерна прошетка е трауматична за животното бидејќи му се менува рутината, но може да доведе и до посериозно нарушување на неговото здравје.

„Најдобро решение според мене е да се дозволат кратки наменски прошетки, секако со запазување на сите мерки за заштита и претпазливост – ракавици, маски, држење на растојание од други“, смета таа.

Со свои реакции излегоа и од здруженијата „Анима Мунди“ и „Шепасти ентузијасти“. Според нив, со ова ограничување се прекршува Законот за благосостојбата на животните.

„Испративме дописи до Влада, до МВР, веруваме дека ќе го сменат ова“, вели Наталија Трпковска, претседателка на „Шепасти ентузијасти“.

„Животните не смеат да се изложуваат на болка. Со оваа мерка животните се изложуваат. Навистина верувам дека ќе излезат со јавно соопштение дека можеме да си ги прошетаме милениците за време на полицискиот час. Сите европски земји и соседните направија отстапка за луѓето кои чуваат миленици да можат да излезат на кратка прошетка не подолга од 10-20 минути и не подалеку од својот дом 200 метри. Без да се групираат, туку сами да шетаат. Се надевам дека и нашата држава ќе го следи овој пример“, смета таа.

Од „Анима Мунди“, пак, потсетуваат дека во државата има речиси 80.000 регистрирани домашни миленици, кои ризикуваат да развијат сериозни здравствени проблеми.

„На сите нас тие миленици ни се членови на семејството и ги сакаме безрезервно и нивното здравје не би го жртвувале за ништо. Истото важи и за нашето здравје, затоа, не бараме нешто налудничаво, туку нешто што се практикува во скоро сите земји зафатени од Ковид 19!“, велат од „Анима Мунди“.

„Нема начин за сопствениците да се заразат, затоа што нема да има други луѓе надвор во тој период. Заразувањето се случува при контакт со други луѓе“, посочуваат од здружението.

Но, од Владата се одлучни – заклучоците, мерките и препораките мора да се почитуваат, велат тие. Оттаму кусо посочуваат дека забраната за движење важи на целата територија на земјата со цел спречување на внесување и ширење на коронавирусот.

Е.П.