ЦУК: До 13 часот има 4 активни пожари

Според последните податоци на Центарот за управување со кризи (до 13 часот), во велешкиот регион се уште е активен пожарот во атар на с.Џидмирци-Црн Врв, кој се простира на самата граница помеѓу општините Петровец и Велес.

Со пожарот е зафатена мешана шума на непристапен терен. Во негово гаснење интервенира екипа од ШС Караџица и пожарникари со 1 возило од ТППЕ Велес.

Во тетовскиот регион, пак, има активен пожар на отворен простор во с.Мерово. Во гаснењето на пожарот интервенираат пожарникари со 1 возило од ТППЕ Тетово и лица од ШС Лешница од Тетово.

Пожар е забележан и во битолскиот регион. Активен пожар е забележан во с.Кутретино, општина Демир Хисар. Зафатени се стрништа, сува трева и меѓи на површина од 3-4 декари. Во гаснењето интервенираат пожарникари со 1 возило.

Во 11:40 часот започнат е пожар на сува трева и смреки кај местото Истевник, општина Делчево. Во гаснењето на пожарот интервенираат пожарникари со 1 возило.

Пожарот кај с.Оморани, односно помеѓу селата Богомила и Мокрени, општина Чашка е ставен под контрола.

Зафатена е нискостеблеста деградирана шума, трња и сува трава. На терен има екипа која го локализира пожарот и не дозволува да се прошири.

Пожарот кај с. Караслари е ставен под контрола. Со пожарот биле зафатени околу 40 хектари борова шума. На лице место има екипа од ШС Бабуна Велес кој го надгледува просторот.

Пожарот во с. Манастирец место викано Љубош, општина Кавадарци во 10 часот е изгаснат. Гаснеле пожарникари од ТППЕ Кавадарци со 2 возила, вработени од ЈКП Комуналец со 3 теренски возила и лица од ЈП ШС Бор од Кавадарци. Горело деградирана нискостеблеста шума, трња и сува трава.

Според билтенот на МВР, пак, за два дена (22 и 23 март) избувнале 7 пожари.

На 22 март регистрирани се три пожари: Во с.Скудриње на место викано „Вејзина нива“ при што горело ниско стеблеста шума и дрвја. Пожарот бил локализиран од страна на Противпожарна единица-Дебар во содејство со вработени од Национален Парк -Маврово.

Истиот ден, до МВР е пријавено дека над с.Љуботен-скопско настанал пожар, при што гореле дрвја и околу три хектари сува трева. Од страна на екипа од Бригадата за противпожарна заштита и локалните жители пожарот бил изгаснат.

Покрај овој, бил пријавен и друг пожар на местото викано „Дворишка река“ во атар на с.Двориште-беровско, кој зафатил ниско стеблеста шума и сува трева. Пожарот бил изгаснат од страна на екипа од Територијалната противпожарна единица Берово.

На 23 март, пак, во билтенот се заведени 4 пожари и тоа два кои се случиле во различно место се пријавени во исто време.

Во 15,20 часот било пријавено дека покрај брегот на Охридското Езеро, помеѓу Струга и с.Калишта, настанал пожар при што опожарена била трска. Од страна на Територијалната противпожарна единица-Струга пожарот бил локализиран.

Пет минути подоцна било пријавено дека во Берово настанал пожар во атарот на с.Ратево кај место викано „Три Реки“, при што била опожарена млада борова шума. Екипи од Територијалната противпожарна единица Берово и Шумското стопанство презеле мерки за гаснење на пожарот.

Истиот ден, било пријавено дека настанал пожар на подрачје на Свети Николе, односно кај с.Каратманово, кој во текот на ноќта преку с.Ново Село на место викано „Кишински пат“ се проширил кон с.Каласлари, при што била опожарена поголема површина сува трева и разновидна шума. На терен излегла екипа од Македонски шуми-Велес која го ставила пожарот под контрола.

Речиси еден час подоцна, било пријавено дека во Тетово настанал шумски пожар на шест до седум помали локации покрај патот во правец од с.Ново село кон с.Мерово-општина Желино, при што била опожарена нискостеблеста шума и сува трева.