Цртачки концерт на францускиот стрип артист Виду во МКЦ

Спој на стрип, музика и технологија, преку цртачки концерт и интерактивна претстава на францускиот стрип артист Виктор Дулон Виду, во музичка придружба на пијанистката Марина Васиљева ќе се одржи во четврток, 29 мај, со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

За време на престојот на стрип артистот во Македонија од 26 до 30 мај ќе се одржат и креативни работилници наменети за повеќе од 100 средношколци и студенти, со цел да се воведат учениците во дигиталните уметности и стрипот, семинар за професорите по француски јазик, чија цел е да ги прикаже иновативните педагошки алатки за користење на дигиталниот стрип за време на часовите по француски јазик и креативна размена со локални стрип цртачи.

Настанот го организираат Францускиот институт во Скопје и „Макстрипови“ во соработка со МКЦ.

„Ги покануваме сите љубители на уметноста, на дигиталните технологии и на иновативните уметнички формати, да ни се придружат на овој настан“, истакнуваат организаторите.

Влезот е слободен, со претходна резервација на мејлот culture@ifs.mk.