CINEDAYS – Фестивал на европски филм од 18 до 24 септември на девет локации низ Скопје

Септември за прв пат е во исчекување на 19-от меѓународен фестивал на европски филм – CINEDAYS, кој годинава се одржува во нов термин, од 18 до 24 овој месец. Во текот на филмската недела се најавени над 40 филмови, а кино проекции ќе има на девет локации низ Скопје.

„Тимот на МКЦ ова лето насобра искуство од организирање на многу настани под отворено небо. И во период кога големите фестивали ги откажаа своите физички изданија и преминаа онлајн, ние сепак решивме да истуркаме опиплив фестивал, за да ја продолжиме убавата пракса. На публиката ѝ недостасува присутност на вакви случувања, а нам ни недостасуваат тие“, истакна Маргарита Арсова, програмски координатор на CINEDAYS.

 Под слоганот „Филм на секое платнo“, програмата на 19-от фестивал на европски филм – CINEDAYS ќе може да се следи во: Градски парк, МКЦ парк, Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на ГТЦ.

„Несреќно наметнатите околности, предизвикани од пандемијата со Корона-вирусот, ни донесоа по малку среќна можност, да го „извадиме“ големото платно под отворено небо. Во ова време на неизвесност и несигурност, ќе се обидеме да понудиме чувство на сигурност, благосостојба и уживање во филмската уметност на секој посетител на CINEDAYS, строго почитувајќи ги протоколарните мерки за одвивање на настан од ваков тип“, истакнува Филип Николовски, директор на програма на МКЦ.

Годинешната програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер, и таа е намалена, следствено на фестивалските денови. Во неа ќе може да се видат најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ, а таа нуди и доста македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, SEE програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic и др.

Во рамки на овогодишното издание за прв пат се организира POP-UP КИНО, кое ќе ги оживее најавените локации.

„Секое време носи свои навики и начин на социјализација, од маалски игри, телевизор во двор кај комшиите, фудбал на мали голчиња, комодоре 64, до лаптоп и мобилен екран за секое дете. Во целиот овој технолошки напредок и промена на начинот на комуникација, едно е сосема сигурно, Скопје било и ќе биде едно големо кино. Локациската „реставрација“ на местата каде што во минатото постоеле киносали и проекцијата на филмови на овие позиции, ќе се обиде да даде омаж на културата на еден град. Култура на која ѝ го изгубивме континуитетот, бавејќи се со трупање градби што требаше да покажат колку култура сме имале некогаш“, вели Николовски.

Во рамки на POP-UP КИНО ќе с прикажат синхронизирани детски филмови на локацијата на киното во Кисела Вода, потоа најдоброто од CINEDAYS од изминатите години во ретро-програмата, а во соработка со ФДУ се најавени студентски и дипломски филмови на режисерите од поновата генерација како Вардан Тозија, Тамара Котевска, Даријан Пејовски и Атанас Георгиев.

За прв пат по долги години отворањето и затворањето на фестивалот е со македонски премиери. Отворањето на фестивалот е со светската премиерата на првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, во продукција на Дрим фактори. Приказната за шарпланинката Стела, Никола и неговиот дедо е приказна за вистинските семејни вредности, истакнува продуцентот Огнен Антов, надополнувајќи дека „Филмот ‘Стела’ е  првата домашна еко или зелена продукција.

Затворањето на фестивалот е со македонската премиера на „ХОМО” на Игор Иванов – Изи.

Ова издание на CINEDAYS ќе донесе и скопска премиера на филмот „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематографија снимен со 0 денари буџет.

Во познатата селекција МК во ЕУ, каде се прикажуваат филмови со малцинско македонско учество, е најавена проекција на филмовите на Виктор Чучков „18% сиво“ во продукција на Сектор филм и „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани во продукција на Фокус Покус.

Специјалната музичка програма – cinEmusic се отвора на 18.9.(петок) со настап на бендот „Љубојна“, кои ќе се претстават со музика работена за филмот „Стела“. Следниот ден во паркот на МКЦ ќе настапат младите Зулу 3.4 – инструментален бенд од Скопје, формиран во март 2018 година. Членови на бендот се музички уметници во сферата на џез-музиката, чија цел е преку фузија на различни стилови да создадат уникатен звук и да внесат свежина на македонската музичка сцена.

За затворање на фестивалот ќе настапи ЗЏМ Колективот и овој пат ќе биде придружуван од страна на гудачки оркестар, кој е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонија.  Со нив ќе раководи мултиинструменталистот и диригент Џијан Емин, а на програмата ќе бидат изведени композиции создадени и аранжирани од страна на македонски џез-композитори, членови на ЗЏМ. Публиката ќе има можност да присуствува на исклучителен музички настан, кој преку свежината на новите композиции и виртуелната изведба на музичарите ќе овозможи уживање во еден навистина квалитетен македонски музички производ.

Билетите за овогодишното издание на CINEDAYS ќе бидат по цена од 100 денари, за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО.

– За програмата во Градскиот парк, паркот Ибни Пајко и МКЦ парк, билетите по цена од 100 денари може да купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на овие локации.

– За филмовите од POP-UP КИНО бесплатни билети може да се набават само онлајн (bileti.mkc.mk).

– Влезот за музичката програма е бесплатен, освен концертот на ЗЏМ Колектив и гудачки оркестар за кој може да се набават билети по цена од 200 денари.

Поради ситуацијата со Ковид-19, бројот на билети е редуциран.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Агенција за филм на РСМ и Град Скопје.