Коронавирусот предизвика здравствена, но и општествена криза каде најпогодени повторно останаа ранливите категории на граѓани. Хелсиншкиот комитет изминатиов период забележал бројни кршења на човековите права, при секојдневната комуникација со граѓани кои се обраќаат за правна помош.
Оттаму подготвија извештај во кој ги анализираат ефектите од донесените владини уредби во овој кризен период, но и ги набљудуваат состојбите во поединечни области.
Па така, работничките и работниците беа први на удар по прогласувањето на вонредната состојба поради справувањето со последиците од коронавирусот. Кризната состојба за нив значеше борба за зачувување на своето и на здравјето на најблиските, но и борба за спас на својата егзистенција, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во периодот од 10 март до 15 мај, до Комитетот биле пријавени 152 случаи на повреда на правата од работен однос, кои засегаа 2481 работник.
„Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување, а до нашата организација беа пријавени 37 такви случаи, кои се однесуваа на приближно 453 работници. Намалениот обем на работа беше причина некои од работодавачите, без воопшто да ги известат работниците, да им ги откажат договорите за вработување од деловни причини. Во неколку случаи на работниците им беше само усно соопштено да не доаѓаат на работа, без да им биде доставен писмен отказ. Онаму каде можеа, работодавачите влијаеја врз работниците да потпишат спогодби за раскинување на нивните договори. На некои од нив, договорите им беа раскинати со фалсификување или искористување на нивните потписи, претходно ставени на бланко листови. Недоброволно, 321 работник во 35 случаи потпишаа спогодби за прекин на својот работен
однос. На овој начин, ним им беше оневозможен каков било пристап до заштитен механизам и тие останаа да се борат за „гола“ егзистенција на маргините на општеството“, забележува извештајот на Хелсиншкиот комитет.
Потешкотиите во работењето, а особено во секторите како угостителство, туризам, производство на облека и обувки, трговија и слично, беа причина платите на илјадници работници да бидат намалени, а на некои од нив, воопшто да не им бидат исплатени. Само во Комитетот биле регистрирани 24 вакви случаи, кои опфатиле речиси 702 работници.
Од друга страна, хронично болните, бремените работнички и родителите на деца до 10 годишна возраст, кои беа ослободени од работни обврски, се соочуваа со 50 % намалени плати. Покрај тоа, Комитетот регистрирал и случаи во кои работодавачите воопшто не ги ослободуваа од работни обврски работниците кои спаѓаат во оваа категорија.
„Особено незаштитени и загрозени беа работниците во првата борбена линија против вирусот, работниците во супермаркетите, продавачите и продавачките. Работодавачите не им обезбедија соодветна заштитна опрема, па тие ги остваруваа своите работни задачи изложувајќи се на сериозен ризик за своето здравје и живот. Притоа, тие не добија зголемување на платите соодветно на зголемениот ризик на работното место. Комитетот регистрираше вакви прекршувања во 19 случаи, кои опфатија приближно 1018 работници.
Речиси две третини од сите случаи се жени работнички, поради што од Комитетот констатираат дека кризата доби и родова димензија.
„Опасност од интензивирање на семејното насилство“
И покрај тоа што не постојат доволно официјални податоци за овој релативно краток период, првичните статистики од земјите каде што вирусот веќе беше значително проширен, укажуваа на значаен пораст на семејното насилство.
„Рестриктивните мерки кои секојдневно се усвојуваа од страна на Владата на РСМ од почетокот на пандемијата, меѓу кои препораките за самоизолација, иако оценети како најефикасен начин за превенција, сепак претставуваат сериозен фактор за зголемување на ризикот од насилничко однесување во домот. Дополнително, стресот предизвикан со губењето на работните места, затворањето на градинките и училиштата, неизвесната финансиска состојба, постоечките здравствени проблеми, се плодна почва за пораст на насилството во домот. Тоа не мора да значи зголемување на бројот на случаи, туку и опасност од интензивирање на постоечкото насилство“, забележуваат од Хелсиншкиот комитет.
Во земјите од Европската Унија, една од пет жени е жртва на семејно насилство, а ризикот е уште поголем за жените кои живеат во
домаќинства кои имаат проблеми со задоволување на основните егзистенцијални потреби.
„Два отсто од жените кои доживеале насилство од партнер пријавиле во полиција, што е резултат на недовербата во институциите,
неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, па дури и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви“, стои во извештајот.
Во текот на периодот на изолација, жртвите можеа да пријават на Националната бесплатна мобилна СОС линија за жртви на семејно насилство, која обезбедува 24-часовна доверлива информација за заштита на жртвите, достапни услуги и телефонско советување на жртвите, како и во најблиската Полициска станица или надлежниот Центар за социјална работа, или службата за бесплатна правна помош при Хелсиншкиот комитет.
„За време на вонредната состојба во земјата, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше вкупно пет пријави на семејно насилство што не укажува на постоење тренд на зголемување на случаите. Според статистиките на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика во нашата земја, нема зголемување на бројот на случаи на семејно насилство во споредба со истиот период лани. На неделно ниво, единствен пораст бил забележан само во првата седмица од месец април, додека во текот на останатите седмици случаите на семејно насилство биле во стагнација“, забележува извештајот.
Пандемијата и лицата со попреченост
Со почетокот на пандемијата, Светската здравствена организација предупреди на зголемениот ризик за лицата со попреченост од
заразување со вирусот, што пред сè се должи на постоечките бариери за примена на основните мерки за одржување хигиена, потешкотиите во практикување социјално дистанцирање поради потребата од дополнителна поддршка или живеење во институција, потребата од допирање како начин на примање информации од околината…
Се проценува дека препораката за работење од дома во нашата земја можат да ја спроведат едвај 1 % од лицата со попреченост вработени во заштитните фирми.
„Кај лицата со попреченост, особено кај лицата со интелектуална попреченост и кај лицата со нарушувања од аутистичниот спектар,
многу важен сегмент во функционирањето претставува секојдневната рутина. Во услови кога движењето е ограничено временски, но и физички, доаѓа до промена на рутината што кај многу лица со попреченост може да предизвика појава на анксиозност; оттука, оние лица кои се грижат за деца и лица со попреченост се соочија со предизвикот за наоѓање алтернативни начини на секојдневно функционирање и воспоставување нови рутини. Затворањето на дневните центри наметна дополнителен предизвик за лицата со попреченост кои редовно посетувале дневен центар како дел од секојдневното функционирање, но и за лицата кои се грижат за нив, имајќи предвид дека мораат да останат во домот, а со тоа многу често и за сметка на губење на работното место“, сметаат од Хелсиншкиот комитет.
Предизвиците ги почувствуваа и децата со посебни образовни потреби, а особено децата со попреченост. Онлајн платформите за
учење на далечина, кои го заменија редовното образование, со почетокот на изолацијата ги исклучуваа најголемиот дел од децата со попреченост, забележува извештајот.
„Нивното образование во овој период беше целосно препуштено на нивните родители и на волјата на некои од образовните асистенти. По изминат повеќе од еден месец од затворањето на училиштата, дури на крајот на месец април беше промовирана онлајн платформата за учење и развој на децата со попреченост, која треба да обезбеди дополнителна поддршка, индивидуализиран пристап и модифицирани часови за децата да можат да продолжат со образовниот процес и во домашни услови“, стои во извештајот на Хелсиншкиот комитет.
Новиот Закон за основно образование беше донесен во август 2019 година и започна со примена веднаш во септември, со започнување на новата учебна 2019/2020 година, со кој основното образование беше институционално, кадровски и содржински организирано да овозможи инклузија на сите деца во редовното образование.
„Меѓутоа, во пресрет сме и на нова учебна година, а сè уште не се донесени подзаконските акти кои требаше да обезбедат соодветна имплементација на Законот и инклузија на децата со посебни образовни потреби во образовниот процес од секој аспект, а особено да ги отстранат бројните недостатоци за кои неколку пати алармираше и Хелсиншкиот комитет уште од самиот почеток на неговата имплементација“, реагираат од Хелсиншкиот комитет.
Правата на ЛГТБ лицата повторно заборавени
За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или, пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, алармираат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму предупредуваат дека согласно со домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Но, условите на самоизолација и долгите полициски часови беа предизвик и за ЛГБТИ луѓето, особено за оние луѓе за кои „да се биде тоа што сум“ најчесто значи да се биде надвор од домот.
„Во криза како оваа, кога има полициски час и други активни мерки, овие луѓе најголемиот дел од денот го поминуваат во домот, кој често може да биде средина во која тие не се отворени, не се поддржани и прифатени, а во најлош случај може да бидат изложени и на насилство поради неприфаќање од страна на членовите на семејството. Во услови на строг полициски час, кој во некои викенди траеше и до 82 часа, се зголемува ризикот од сериозно оштетување и последици врз менталното здравје на овие луѓе и изложеност на продолжено психичко и физичко насилство“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.
Дополнително, тешките услови за живеење, кои оваа криза ги наметна за ранливите заедници, тесно се поврзани со последиците врз нивното ментално и физичко здравје.
„Достапноста на психолошкото советување обезбедено од страна на државата е ограничено и е тесно врзано со здравственото осигурување врз основ на вработување. Системот преку кој се обезбедува психолошко советување е поставен на начин што најпрво потребата за психолошко советување се оценува од страна на матичен лекар, кој доколку процени дека има потреба од посета на психолог, издава упат преку системот „Мој термин”, за подоцна врз основа на овој упат лицето да добие можност да посети психолог. Она што е проблематично во овој систем е тоа што во пракса матичните лекари многу ретко проценуваат дека на едно лице му е потребно психолошко советување“, стои во извештајот.
Во него се оценува и работата на Министерството за внатрешни работи каде се анализираат повеќе случаи кои беа актуелни периодов. Тие реагираат што полицијата не ги зема предвид околностите и причините поради кои одредени лица не ги почитувале мерките на Владата.
„Од она што го регистрираше Хелсиншкиот комитет, беше осудено и казнето хронично болно лице кое боледува од астма, кое за време на полициски час се упатило кон домот на својата сестра за да прибави лек за својата болест, лице кое на враќање кон својот дом било затекнато дваесетина минути по почнувањето на полицискиот час, а се враќало од домот на својата болна баба за која се
грижело, вработена во Армијата на Република Северна Македонија, која задоцнила по завршување на нејзиното работно време, а нејзиното работно место било надвор од нејзиното место на живеење итн. Сите овие лица беа казнети со по 2000 евра, а во ниту еден случај не претставуваа опасност, ниту, пак, го загрозија јавното здравје“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Непочитувачи на владините мерки беа и самите полициски службеници, забележуваат од Хелсиншкиот комитет. Како пример го посочуваат нивното присуство на организирани свадбени прослави што предизвика силен револт кај јавноста и отвори сомнеж дека овие службеници ќе одговараат за своите постапки.
Во својот извештај, Комитетот потсетува дека мерките кои ќе се преземаат не смеат да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, а човековите права и слободи мора да бидат земени предвид. Државата, според нив, не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или, пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за
чие обезбедување и заштита е одговорна.