Чоловиќ Лешоска: Парите од еколошки такси да се трошат токму за животна средина

По основ на еколошки такси во Македонија се собираат огромен број на средства кои завршуваат во централниот буџет, по основите како горива, регистрација на возила, цигари, отпад од пакување, казни итн. Голем број на такси со еколошки предзнак влегуваат во централниот буџет. Само дел од нив, односно само дел од регистрацијата на возила реално завршува во буџетот на Министерството за животна средина. Сите останати се влеваат во централниот буџет и не им се знае трагот, вели Ана Чоловиќ Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест“ во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Според Чоловиќ Лешоска, не се знае дали некоја такса собрана по основ заштита на животната средина на крај била употребена за изградба на пат, канализација или нешто трето кои би било можеби спротивно на заштитата на животната средина.

„Заради тоа сметаме дека треба да се соберат сите такси по основ на заштита на животна средна, да се направи Фонд на средства кои може да се користат за голем број на работи кои навистина треба да се случат во Македонија, а некои предвидувања зборуваат дека се потребни од две до четири милијарди евра за Македонија да ги достигне европските стандарди и директиви, кои треба ги транспонираме и имплементираме во нашето законодавство“, потенцира таа.

Со оглед на тоа што минатите години не се преземаа мерки кои ќе резултираат со долгорочно решавање на проблемот со аерозагадувањето, вели таа „моето очекување, а верувам и на сите граѓани е дека ќе ја имаме истата ситуација како минатата зима, во зависност од временските услови“.

„Во секој случај сметам дека нема да има никаква промена доколку не се направат некои порадикални, да речеме храбри мерки за справување со овој проблем“, потенцира таа.

Во однос на справувањето со проблемот со таканаречените „16 жешки точки“ во земјава, потенцира дека во принцип тие индустриски жешки точки се наследени и тие сега ѝ припаѓаат на државата.

„Да сметаме дека Министерството во рамките на својот буџет ќе го реши тоа е залажување и тоа не може да се случи поради тоа што буџетот на Министерството е конкретно предвиден за функционирањето на администрацијата. Она што е позитивно е што се направи чекор да се потпише тој договор со ГЕФ за да се обезбедат средствата, значи има мечинг фондови од двете страни. Според нас, владата треба да ги обезбеди средствата од централниот буџет, токму поради тоа што тие обврски ѝ припаѓаат на самата држава, односно владата би требало да ги реши за доброто на сите граѓани. Не би го издвојувала тоа како некој проблем со кој треба да се занимава исклучиво Министерството за животна средина поради големината на проблемот“, потенцира Чоловиќ Лешоска.