Тимот дипломати кој работи на враќање на македонските граѓани, затекнати во странство за време на пандемијата на коронавирусот, е добитник на наградата „Дипломат на годината“, која традиционално ја доделува Министерството за надворешни работи (МНР).
Наградата ја добија Елеонора Тодоровска, Миа Димитровска, Јумни Сали, Драган Богдановски, Агим Муртезани, Срѓан Хаџи-Николов, Катина Георгиев, Бекри Ајдини, Бони Цветановскa, Сашка Талевска, Решат Бериша, Есат Велиу, Марјан Софрониески, Синиша Иванковиќ, Атина Ничоска и Сузана Тунева.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров упати честитки до наградените членови на Кризниот штаб, до сите дипломати, како и до македонските граѓани, посочувајќи дека работа на дипломатите е да им помагаат на граѓаните во странство, да ги промовираат државните интереси и да градат мостови на пријателства.
„Денес, на Денот на МНР, во услови на сериозни предизвици предизвикани од пандемијата, решивме на тој активен ангажман да му додадеме име и презиме и за прв пат, наградата „Дипломат на годината“ да ја доделиме на повеќе колеги кои во вонредни услови работеа извонредно. Честитки до нив и до сите дипломати, нека ни е честит Денот на МНР“, истакна министерот Димитров.
Годинава се слави 51 годишнината од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 год, тело кое преку Секретаријат за односи со странство, во 1994 година се етаблираше како Министерство за надворешни работи. Но, поради околностите, годинава нема да биде одржана традиционалната прослава со која се одбележуваше овој ден.