Читалните се отвораат, откажан протестот на студентите

Читалната во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од вчера започна да работи, а од 1 септември се отвора и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Поради ова, се откажува протестот кој беше закажан за утре, а која имаше за цел да побара од надлежните да ги отворат овие објекти.

„Како резултат на силниот притисок и тврдоглавност од наша страна, сакаме да ве информираме дека вчера од Влада на РМ не известија дека дозвола за отварање на читалните веќе има и дека од директорите на библиотеките зависи дали истите ке бидат отворени или не“, споделија студентите кои првично го најавија протестот.

Од „Браќа Миладиновци” известија дека ќе работат од 08:00 до 19:00 часот од понеделник до петок, со посебни услови. Па така, на влез ќе се мери температура и ќе се одговара на прашалник за здравствената состојба на посетителот. Потоа, предмети (ташни, ранци) не смеат да се оставаат на подот, вратите и прозорците не смеат да се затворат, а храна и пијалоци не смеат да се оставаат на масите.

До влезот на читалната ќе има и означени насоки за движење во објектот, додека масите и столчињата ќе се наоѓаат на растојание од најмалку 1,5 до 2 метри и е ограничен бројот на посетители во читалните. Во читална 1 (прв кат) 30 седишта, во читална 2 (втор
кат) 25 седишта.

За време на престојот во читалната, задолжително е носење маски за лице.