„Читајќи го Балканот“ – разговор со четворица писатели вечерва во „Антолог“

Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ организира дискусија со писателите Илија Ѓуровиќ, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски и Живко Грозданоски. Настанот ќе се одржи вечерва во книжарницата „Антолог“ (Димитрие Чупоски број 31), со почеток во 20 часот. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.

Илија Ѓуровиќ е писател од Црна Гора, кој во текот на јуни е гостин на резиденцијалната програма за писатели на издавачката куќа Готен, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“. Проектот „Читајќи го Балканот“, кој опфаќа резиденцијални престои на автори од Балканот во шест балкански градови (Скопје, Тирана, Белград, Сараево, Сплит и Ново место) е конкретниот повод за разговорот, на кој ќе учествуваат и дел од македонските автори кои учествуваа во овој проект: Жарко Кујинџиски (кој оствари резиденцијален престој во Сплит), Живко Грозданоски (резиденцијален престој во Сараево) и Петар Андоновски (автор чиј роман „Телото во кое треба да се живее“ беше преведен на англиски јазик во рамки на проектот, а исто така учествуваше и на книжевната вечер организира во Черновиц, Украина). Од нашата земја учество во проектот „Читајќи го Балканот“ преку резиденцијален престој остварија и Лидија Димковска, Даим Мифтари, Игор Анѓелков, Давор Стојановски и Иван Шопов.

Теми на разговорот ќе бидат вмрежувањето на авторите од балканскиот регион, можноста за поголема регионална соработка, ќе се постави прашањето дали балканскиот регион може да се согледува како автентичен книжевен и културен простор, со свои специфики, а авторите ќе ги споделат и своите искуства поврзани со нивните резиденцијални престои.

Илија Ѓуровиќ (Подгорица, 1990) е автор на кратки раскази, поезија, драми и филмски сценарија. Неговите раскази се објавени во списанија во Црна Гора и во регионот, а застапен е и во неколку антологии. Моментално живее и работи во Берлин, а првиот негов роман треба да излезе во 2020 година.

Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е романсиер, есеист, драмски автор, поет и филмски критичар. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“. Главен уредник е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction 2013“.

Петар Андоновски (Куманово, 1987) ги објавил следниве книги: „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015), „Страв од варвари“ (роман, 2018). Неговиот прв роман „Очи со боја на чевли“ бил во финалето за наградата Роман на годината, а за неговиот втор роман „Телото во кое треба да се живее“ ја добива наградата Роман на годината на Утрински весник.

Живко Грозданоски (Кичево, 1986) дипломирал италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега ги има објавено книгите „Песок и свила“ (поезија, 2005), „Отпечатоци врз коцки мраз“ (кратка-кратка проза, 2009/2016), „Приказни за тревите и други приказни“ (раскази, 2011), „Куфер за тројца“ (роман/збирка од три новели, 2014), и „Последното име на иднината“ (роман, 2018). Активно се занимава со книжевен превод, главно од италијански јазик.

Проектот „Читајќи го Балканот“ е партнерски проект на издавачката куќа „Готен“ од Скопје, „Гога“ од Ново Место и организацијата „Крокодил“ од Белград. Проектот се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.