Читај каде и да одиш – Летен фестивал на книгата во ТРИ

Издавачкиот центар ТРИ организира уште едно издание на Летниот фестивал на книгата што секое лето го одржува во своите книжарници во Дебар Маало и во ГТЦ.

„Читај… каде и да одиш“ е мотото на годинешното издание за кое ТРИ најавува нови изданија, попусти, промоции, наградни игри и акции.

„Фестивалот подразбира промоција на нови атрактивни наслови идеални за летната сезона – трилери, мистерии и љубовни романи. Дополнително, љубителите на книгата ќе можат да уживаат во разновидната понуда од над 1 000 изданија на ТРИ и Паблишер, книги од сите жанрови – и за оние што летото го користат за уживање и за оние за кои тоа е време за лична надградба и работа на себе“, велат од ТРИ.

До крајот на летото читателите ќе можат да ги набават посакуваните книги со специјални фестивалски попусти од 20 до 70 %.

Покрај тоа, ТРИ издвои посебна понуда од 80 наслови кои ќе бидат достапни во специјални акции – 3 книги за 499 денари, 5 книги за 499 денари, пакети и дополнителни попусти.

Покрај ова, на фестивалот ќе се одржат и промоции и средби со автори. Па така, фестивалот започнува со гостувањето на данската авторка Јане Телер, која ќе допатува во Скопје да го промовира својот роман „Ништо“, во издание на Паблишер.