Чернобил ќе прерасне во туристички магнет

Властите во Киев сакаат да го претворат Чернобил во туристички магнет кој ќе стане „симбол на новата Украина“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски потпиша декрет со кој се предвидува „развој“ на областа погодена со катастрофата во 1986 година.

„Со декретот ќе започне трансформацијата на изолираната зона во една од точките за развој на новата Украина. Прво, ќе создадеме ‘зелен коридор’ за туристи и ќе ги отстраниме сите предуслови за корупција. Чернобил е уникатно место на планетата, каде природата оживува по светската катастрофа предизвикана од човечки фактор. Мора да го покажеме ова место на светот: на научници, еколози, историчари и туристи“, рече Зеленски, за време на неговата посета на Чернобил.

Притаениот туризам во Чернобил се случувал со години, и покрај безбедносните мерки во областа, бидејќи корумпираните службеници овозможувале забава за пост-апокалиптичните ентузијасти. Настрана од тоа, зоната привлекува и нелегални дрвосечачи, како и собирачи на отпадни метали, кои извезуваат несигурни стоки на друго место.

„Сите тие прашања ќе се разрешат со програмата за развој набрзо и областа на Чернобил нема да биде повеќе украински „симбол на корупција“, рече Зеленски.

Неодамнешниот успех на серијата „Чернобил“ предизвика туристички бум во изолираната зона за 40%.