„Час по приватност“ за скопските средношколци

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Димитар Георгиев денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот „Час по приватност“.

„Час по приватност“ за скопските средношколци

фото: Telegraf.mk

„Со брзиот развој на информатичко-комуникациските технологии, високиот степен на развој на социјалните мрежи, интернетот и други форми на комуникации, се разви потреба од воведување на мерка за примена на концептот на заштита на личните податоци и правото на приватност во образовниот процес, како и разработка на темата за заштита на приватноста, тајност на комуникација, тајност на писма, говор на омраза, и однесување на социјалните мрежи“, вели Трајановски.

Тој вели дека според податоците добиени од проектот за набљудување на криминалот од омраза на Македонскиот Хелсиншки комитет, според кој во 2013 година биле регистрирани 116 злосторства од омраза, а најчести сторители и жртви се токму малолетниците.

„Околу 72 проценти од вкупниот број на регистрирани инциденти се случиле во Скопје и општините околу главниот град. Ценам дека проектот „Час по приватност“ кој се предвидува да се реализира во сите средни училишта на Град Скопје, и ќе вклучи теми за заштита на личните податоци, препораки за безбедно користење на социјалните мрежи, неширење на говор на омраза и слично, претставува почеток на заедничките активности меѓу Град Скопје и Дирекцијата за заштита на личните податоци, активности кои ќе бидат насочени целосно во насока на едукација, а резултатите треба да придонесат кон сузбивање и превенција од злоупотреби на личните податоци на интернет, на социјалните мрежи, како и намалување на бројот на регистрирани злосторства од омраза“, вели Трајановски.

Директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Димитар Георгиев, изрази задоволство за поддршката што Градот Скопје ја дава за проектот „Час по приватност“.

„Само преку вакви иницијативи и проекти ќе можеме да ја доближиме материјата и комплексноста на темите, со што ќе се овозможи едукација на повеќе целни групи во воспитно-образовниот процес. – Нашите инспектори и едукатори ќе одржат предавања во сите средни училишта со што ќе пренесата знаења на 21 директор на средно училиште, 40 едукатори од педагошко-психолошкиот сектор, 1000 класни раководители или наставници и околу 80 000 ученици и родители“, вели Георгиев.

Извор