ЦГК: Во Северна Македонија има 183 амбулантни возила, најупотребуваното поминало дури 1,36 милиони километри

Во земјава има вкупно 183 амбулантни возила, со кои располагаат 47 здравствени институции. Просечната старост на овие возила се 11 години и дури 53% се добиени како донација или на користење од друга здравствена институција, покажува новата база на податоци која ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Најмногу амбулантни возила има во Скопје, 30 и во Охрид и Битола по 12. Следат Велес и Куманово каде што има по 8 амбулантни возила. Двете најстари возила се од 1988 година, а најупотребуваното има поминато дури 1 милион и 360.000 километри.

Кога станува збор за марката на возила, убедливо најзастапена марка е Рено од која има 66 возила, по што следуваат Ситроен и Фиат со по 22 возила.

Двете најскапи возила од 153.460 евра и 137.260 евра ги поседува Клиниката за детски болести од Скопје, додека третото од 103.360 евра е на Клиничката болница Битола.

Најмногу од возилата, односно 30% институциите ги добиле како донација од Министерството за здравство. Со сопствени средства купиле само 23%, додека 12% од возилата ги добиле како домашна донација (од други институции или лица), а 11% како странска донација. За 23% од возилата нема податок за основата за стекнување.

За споредба со амбулантните возила, министерствата и општините (според базата на податоци што Центарот за граѓански комуникации ја објави во октомври 2018 година) имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 15-то патничко возило доаѓа по едно амбулантно возило.

Базата на податоци на сите амбулантни и санитетски возила е изработена врз основа на податоци обезбедени од здравствените институции во земјава: здравствени домови, клиники и клинички болници, општи и специјални болници, заводи, институти, здравствени станици и центри за јавно здравје, врз основа на доставено барање за информации од јавен карактер во јануари 2019 година. Од ЦГК соопштуваат дека сите 90 здравствени институции одговориле на испратените барања. Од нив, 47 одговориле дека имаат вакви возила, додека останатите 43 институции дека не располагаат со амбулантни возила. Во базата се вклучени и 12-те амбулантни возила набавени од Министерството за здравство, а распределени на користење за потребите на здравствените институции од целата земја.

Од ЦГК посочуваат дека оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.