Центарот за зависности од Кисела вода ќе се прошири и во Ченто, Аеродром, Бардовци и Карпош

Министерството за здравство донесе одлука за дисперзија на пациентите вклучени во програмата за третман и превенција на зависности, со што од Центарот од Кисела вода ќе се распределат и во Аеродром, Ченто, Бардовци и Карпош.

Од ресорното министерство за Радио МОФ велат дека пациентите ќе бидат распределени согласно општината во која живеат и локациите во кои ќе бидат пунктовите.

„Станува збор за поликлиниката во населба Ченто, во Јане Сандански, во Психијатриска болница-Скопје, на веќе познатата локација (Центарот н.з). во општина Кисела Вода и во ГОБ ‘8 Септември’“, објаснуваат од министерството.

На прашањето за ефикасноста на ваквата поделба, со оглед што достапноста на терапијата вака е во пет од вкупно десет скопски општини, од министерството велат дека „во интерес на пациентите е да бидат во пункт во својата општина или општината која е најблиску до локацијата на која се наоѓа пунктот“.

Регистрирани се вкупно 520 пациенти, дел од програмата за лекување и третман на зависности.

„Се планира по околу 120 пациенти да бидат прераспределени во наведените пунктови, освен во ГОБ ‘8 Септември’ каде е планирано да се премести мал број на пациенти“, дополнуваат од министерството.

Во поглед на прашањето за генерално подобрување квалитетот на програмите за третман од дроги, министерството тврди дека создаваат услови во интерес на сите пациенти, меѓу кои и оваа група на пациенти, да им понуди најдобри решенија.

„Веќе извесен период функционираат и советувалишта каде пациентите добиваат психосоцијална поддршка во процесот на лекување“, тврди министерството.

Инаку, во разговор со Радио МОФ, Силвана Наумова од ХОПС ја истакнаа потребата за дисперзија на повеќе локации, а говореше токму и за квалитетот на програмите за лекување во Македонија.

Корисниците на дроги дискриминирани и без соодветна програма за лекување  

Преку истражување, ХОПС наведоа дека употребата на дроги не е новост, ниту реткост во земјава. Речиси 9% од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, што е случај за речиси 19% од младите на возраст од 15 до 24 години. Само 27% од луѓето што инјектираат дроги во Македонија се вклучени во програмите за лекување на зависници, што е под европскиот просец кој изнесува 50%.

Kорисниците на дроги се уште се дискриминирани, додека, потенцираа од ХОПС, лекувањето се спроведува во супстандардни просторни и хигиенски услови.

Луѓето со посебни потреби и старите лица со отежнато движење немаат пристап до центрите за лекување, кои работат само во прва смена и издаваат терапија не подоцна од 14 часот. Истовремено, програмите за лекување на зависности се предоминантно ориентирани кон лекување на опијатна зависност со супституциска терапија со метадон и со бупренорфин.

Исто така, нагласија дека постои сериозен дефицит на кадар со соодветна стручна подготовка, особено на психијатри, во програмите за лекување низ целава држава.

Ако има посебни програми за рехабилизација, ресоцијализација и реинтеграција, тогаш и тој сегмент, за вклопување во општеството на оваа група граѓани – ќе биде поефективен.

„Ние се уште сме дискриминирачки настроено општество. И дискриминираме многу работи, меѓу кои и корисниците на дроги. Нашите сознанија покажуваат дека се уште се дискриминирани во здравствени институции, само заради тоа што се корисници на дроги. Се случува да бидат одбиени за одредена здравствена услуга, или неквалитетно да ја добијат, или ако ја добијат да бидат дискриминирани. Се уште на проблемот се гледа како ‘сами си го барале’, а не како здравствен проблем“, потенцираше Наумова.

Бојан Шашевски