Целовечерен концерт на Дуке Бојаџиев во Македонската филхармонија

По пауза од две години, еден од најистакантите македонски композитори, Дуке Бојаџиев, кој долги години живее и работи во Њујорк, повторно ќе настапи пред македонската публика со два последователни концерти во Скопје на 11 и 12 мај во Македонската филхармонија.

Целовечерниот концерт има наслов „Сон верба љубов“, а  Бојаџиев ќе настапи со авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание Сон-Верба-Љубов, како и дел од неговото поново филмско творештво.

Дуке (пијано и вокал) ќе настапи со тим од врвни музичари. Покрај него, специјален гостин ќе биде Тијана Дапчевиќ, понатаму, актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, на кларинет Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев како виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова како виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.

Дуке Бојаџиев од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Низ неговата меѓународна кариера има креирано музика за многу филмови и соработувано со неколку добитници на Оскар. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови и има работено со голем број познати музичари.