„Celebrate Life“ – осум години оптимизам и славење убави нешта

11-та сезона и 8 годишен јубилеј за DIY унисекс етикетата на графичкиот дизајнер Горан Костовски – ind.o.g е мотивирачки подвиг на самите нас да не се откажуваме од работите кои што ги сакаме без разлика колку и да се тешки и нема услови да се случат/реализираат, соопштува „Celebrate Life“.

Субкултурата којашто секогаш била присутна па дури и во исчезнување, според Индог, е вечна инспирација за секоја нова сезона на „Celebrate Life“.

Индог за Радио МОФ потенцира дека „Celebrate Life“ се роди во 2011 година како платформа за дизајнирање на унисекс облека и разни дизајнерски предмети веројатно во најтешките мигови на нашето општество.

„Покрај практичниот аспект, платформата има и философија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието и да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта. Луѓето престанаа да се смеат. Заборавија на животот и радоста. Агресија, гнев и омраза насекаде и непрепознавање на средината ме доведе до стадиум да размислувам и најдам нов начин на изразување. Впрочем бедата кај мене се пренасочи во продуктивност. Своевиден потсетник за луѓето што повеќе да се радуваат бидејки навистина е бесцелно да се троши енергија и време на грди работи“, нагласува Индог.

Според Индог, „Celebrate Life“ е за моментите кога танцуваме и славиме убави нешта. Стилски различни, но оптимистични. Концептот „Celebrate Life“, потенцира, имаше за цел од првата продукција на маици дел од средствата собрани од продажбата беа наменети за бездомните животни и за луѓе на кои им треба некаква помош.

„Иако секоја колекција со себе носи разни позитивни промени во општеството како возењето на точак, исчезнувањето на ноќниот живот во главниот град и појавувањето на новите музички предизвици, погледнувањето длабоко во себе да се пронајдеме кои сме и што сме, човековите права и родовата еднаквост, медитациите, вегетаријанството и здравиот начин на живот, чистиот воздух и уништувањето на животната средина тие секогаш се представени на убав начин кој што има за цел да им ги доближи овие прашања на луѓето наоколу. Досега се реализирани себе финансирани 12 колекции, а 9-тата беше финансиски реализирана со помош на канцеларијата на Европската унија во Скопје. Една групна изложба за прв пат во Македонија со 13 домашни дизајнери и две самостојни изложби“, вели Индог.

Индог преку јубилејот ја претставува „Make it happen“, лето 2018.

Фотосесијата е дело на Марко Монс со кој што Индог соработува последните години, а во нејзе се појавуваат Диџејот Soul Case и Александра во уметничка дирекција на ind.o.g и постпродукција на Марко Монс.

„Јубилејната лимитирана серија е во 40 парчиња и oversized маицата е спакувана во торба дизајнирана специјално за 8-годишнината“, стои во соопштението за Celebrate Life – Make it happen / лето 2018 – јубилеј 8-годишнина.