„Celebrate Life“ – изложба за себе-промена во Мобилната галерија

Изложбата „Celebrate Life / себе – промена“ на дизајнерот Горан Костовски – Ind.o.g. ќе биде отворена денес (21 мај) од 18 часот во Мобилна/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности, во Паркот на Франкофонијата.

„Промена е збор што се користи да се опише преминот од исто во различно! Преку илустрација / текстуални пораки на блузи водена од Celebrate life концептот изложбата има за цел да ја подигне свеста на граѓаните за себе промена и менување на своите навики кон поголем придонес кон животната средина“, вели Ind.o.g.

Изложбата ќе биде отворена до 25 мај 2019 година.

„Celebrate Life – себе промена“ е финансиски поддржана од Општината Центар, а логистички поддржана од Центарот за современи уметности.

Како што објаснува авторот, „Celebrate Life“ е создаден во 2011 година како платформа за дизајнирање на унисекс облека и разни дизајнерски предмети и едукативни работилници веројатно во најтешките мигови на нашето општество.

„Покрај практичниот аспект, платформата има и филозофија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието и да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта. Луѓето престанаа да се смеат. Заборавија на животот и радоста. Агресија, гнев и омраза насекаде и не препознавање на средината доведе до стадиум на размислување во нова форма на уметничкиот израз. Впрочем бедата се пренасочи во продуктивност. Своевиден потсетник за луѓето што повеќе да се радуваат бидејќи навистина е бесцелно да се троши енергија и време на грди работи Celebrate Life е за моментите кога танцуваме и славиме убави нешта“, соопштува Ind.o.g.

Горан Костовски – ind.o.g е арт директор, дизајнер и видео уметник, кој досега има учестувано на низа самостојни и групни презентации, на видео перформанс, а изложувал во Скопје, Париз, Амстердам, Берлин, Цеље.