Царовска: Пристапот до квалитетно образование е најдобра превенција од сиромаштијата

Пристапот до квалитетно образование е најдобрата превенција од сиромаштијата, затоа како министерка ја продолжувам мојата силна заложба за искоренување на сиромаштијата и подобрување на условите за учење во државата, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќањето по повод одбележувањето на 17 октомври -Меѓународниот ден за борба против сиромаштија.

„Немањето пристап до добро образование е директно поврзано со сиромаштијата. Наш врвен приоритет е да обезбедиме еднаков пристап до учење на сите деца и да го подобриме квалитетот на целиот образовен процес преку низа реформи. Со ова директно ќе ги подобриме шансите за развој, вклучување во општеството на секое дете и негово вработување по завршувањето на образованието“, рече Царовска.

Таа посочи дека е неопходно да се овозможи пристап до квалитетно образование за секое дете и најави дека претстојат мнофу реформи.

„Пандемијата ни го отежнува секојдневниот живот и работењето, но ни помогна во неколку работи. Да ја забрзаме дигитализација, да ги забрзаме реформите и да го раздвижиме целиот образовен систем“, рече Царовска во обраќањето.