Учениците од стручните училишта кои се дел од дуалната настава, практичниот дел да го поминуваат во производствените погони, но под силни протоколи за здравствена заштита. Ова беше предложено на онлајн состанокот помеѓу заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила Царовска и директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс.
Конечна одлука ќе се знае во наредните денови, но компаниите веќе ги имаат воспоставено протоколите за заштита од Ковид-19 коишто треба само да се почитуваат, а бројот на ученици коишто ги посетуваат фабриките не е голем, стои во соопштението од состанокот.
Според наставниот план за ученбата 2020-2021 година учениците од втора година вклучени во дуалното образование поминуваат еден ден во неделата на практична настава, а учениците од трета година два дена.
„На состанокот исто така, беше потенцирано дека повеќе компании коишто се веќе вклучени во дуалното образование се заинтересирани за спроведување на практичната обука во нивните производствени капацитети со што би се продолжила одличната соработка со нивните партнери училишта, но и обезбедувањето на квалитетен и стручен кадар“, информираат од кабинетот на Царовска.
Дуалното образование коешто се по германски модел кај нас се спроведува од 2017 година со поддршка на Германското стопанство. Во дуалното образование се вклучени 10 компании и средни стручни училишта од пет града од државата.