„Camera“ донесоа храна за сетила во МКЦ

Германските краутрокери „Camera“ повторно засвиреа во Скопје. Оние што ги пропуштија на осумката на „Здраво млади“, или не ги фатиле како „рокаат“ на некоја германска улица или тунел, ги слушаа синоќа во фоајето на „Фросина“ .

Ова е состав со музички издавачки полет од 2012 година, а некои ги споредуваат со икони на краутрокот како „Neu!“ и  „La Düsseldorf“. Непредвидливоста и упадите низ јавните простори во Берлин им го залепија епитетот „герила краутрокери“ .

Понеделнички, „Camera“ на аудиториумот во МКЦ му понудија концерт од нешто повеќе од еден час.

Ова беше храна за сетила, повеќеслојна музика пропратена со визуелизации. Бучно, моќно, хаотично, емотивно и психоделично. Од се’ по многу. Музичка спонтана патувалка без престан, без конкретен почеток и крај на темите, туку континуирана звучна подлога. Цепа, цело време, доле па горе. Од амбиентален призвук до експериментална интергалактичка авантура.

Тројцата се распоредени на тапан, сајзер и гитара. Постојано користат алатки за модифицирање на звук, во својство за обликување на хипнотична атмосфера. Михел Драмер цело време мава по тапани, комплетно внесен во свирката. Го снемува на подот, менува чинели, а и лупаше по некоја варијанта на гонг! Бууумммммм!

Од МКЦ пред настанот пишаа дека „тешко дека кој било друг бенд знае како да создаде мутација од ситни музички нијанси кон вулкански ерупции како што знаат тие“. На ова би додале дека мутациите се всушност она што „Camera“ ги прави „Camera“, краутрок-електрифицирано блесавење.

Германското трио во МКЦ дојдоа да го презентираат новиот албум – „Emotional Detox“, со кој, во вид на плоча, си отидоа дел од посетителите.

Бојан Шашевски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.