Бугарскиот град Пазарџик забранува носење бурка

Градот Пазарџик, на југоистокот на Бугарија, стана првиот град во оваа земја во кој целосно се забранува носење на бурка – наметка која целосно го покрива лицето, а е карактеристична за некои исламски традиции.

Измените во локалните прописи истовремено ја покренаа дискусијата за национална забрана за бурката во Бугарија, земја во која има значително музлиманско малцинство. За одлуката гласале 39 од вкупно 41 советник во градското собрание на Пазарџик. Во изминатите години, бурките станале редовна глетка на улиците на градот, во кој живеат припадници на ткн. салафистичко верување во Исламот.

Со забраната, носењето бурка ќе се казнува со 300 лева (околу 150 евра) за првиот прекршок и со по 1 000 лева (околу 500 евра) за следните прекршоци. Забрането е носење на овој вид облека на сите јавни простори – паркови, градини, школи, јавен и приватен транспорт.

Населбата Исток во Пазарџик, каде живеат главно припадници на ромската заедница, стана најголемото упориште на радикалниот Ислам во Бугарија во последните години. Лани во јуни, 14 луѓе, вклучувајќи го и контроверзниот имам Ахмет Муса, беа уапсени и судени за предизвикување верска омраза и за пропаганда поврзана за Исламската држава.

 

Во Парламентот на Бугарија идните месеци ќе се гласа и за национална забрана за носење бурка, предлог кој доаѓа од националистичката коалиција Патриотски фронт. Изминатите месеци, по зачестените терористички напади од исламисти низ Европа, антиисламската реторика е во пораст во Бугарија.