Бројот на смртни случаи од насилна смрт се зголемува, лани починале 513 лица

Од насилна смрт лани во Македонија починале 513 лица, што е за 4,1 процент повеќе во однос на 2014 година, објави денеска Државниот завод за статистика. Умрените од  насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 2,5 проценти.

Според податоците на Заводот, во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат „несреќните случаи” со 70,4 проценти, или 361 смртен случај, потоа „самоубиствата” со 22,2 проценти, осносно 114 починати лица и „убиствата” со 7,4  проценти, или 38 умрени лица.

Во категоријата „несреќни случаи”, најголемо учество (29,2 проценти) имаат умрените лица од „други надворешни причини за случајна повреда”.

Во категоријата „самоубиства”, случаите кај коишто смртта настапила поради „бесење, странгулација и  суфокација” имаат најголемо учество со 13,6 проценти.

Во категоријата „убиства”, пак, доминантна причина за смрт е „oбид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје” со учество од 3,7 проценти во однос на вкупниот број на случаи на насилна смрт.

Како и во претходните години, и во минатата година, поголем број на смртни случаи (72,1 процент) има кај машките лица, покажуваат податоците на Заводот за статистика.