Британските музички ѕвезди ја нападнаа владата за „Брегзит“ откако мораат да добиваат визи за настапите во ЕУ

Дел од најголемите британски музички ѕвезди се помеѓу повеќе од 100-те музичари кои испратија јавна критика до владата поради „дупката“ за нивната индустрија која е оставена по трговскиот договор со ЕУ по „Брегзит“.

Во отвореното писмо испратено до весникот Тајмс тие велат дека стопирањето на можноста безвизно да се организираат тури низ Европа ќе оневозможи голем број од настапите, особено за млади и талентирани музичари, кои веќе се соочуваат со тешкотии поради пандемијата со Ковид-19.

Меѓу потписниците се наоѓаат музичари од различни генерации и стилови: Од Ед Ширан, Стинг, Елтон Џон и Секс Пистолс, до диригентот Симон Ратл, виолинистот Никола Бенедети и композиторката Џудит Вир.

„Договорот постигнат со ЕУ има огромна дупка во која наместо ветеното слободно движење на музичарите сега се потребни скапи дозволи за работа и планини од документација за нивната опрема за секој кој организира европски музички тури. Овој неуспех во преговорите ќе биде тежок удар за многу од нив“, стои во писмото.

Тие ја повикуваат британската влада да го исполни ветеното и да договори слободно патување низ Европа за британските музичари и нивната опрема. Тие додаваат дека договорот треба да биде реципрочен, за и британските фанови да можат да ги видат европските музичари во Велика Британија.

Еден од потписниците на писмото е и Роџер Далтри, водечкиот пејач на „The Who“ и истакнат поддржувач на „Брегзит“, кој во минатото запрашан за тоа како „Брегзит“ би се одразил на музичките тури, само изјавил: „Како пред ЕУ да не правевме тури низ Европа“.

Музичарите и нивните тимови не се вклучени меѓу професиите за кои не се потребни работни визи по договорот меѓу Британија и ЕУ за излез на земјата од Унијата.

Поради излезот на Британија од ЕУ и нејзиниот единствен пазар, работниците во музичката индустрија од почетокот на годината мораат да добиваат визи за секоја посебна држава, како и скапи дозволи за нивната опрема. Истото се случува и со европските музичари кои сакаат да одржат настапи во Велика Британија.