Британската поетеса Керол Ен Дафи е добитник на наградата „Златен венец“ на СВП за 2021 година

Добитник на „Златен венец“ за 2021 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е британската поетеса, есеист, драматург, професор и креативен директор на „Школата за пишување“ на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“- Керол Ен Дафи.

Одлуката беше соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз, по повод Светскиот ден на поезијата.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 25 до 30 август.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, потенцира дека поезијата на Дафи е проткаена со метафизички опсервации за љубовта, загубата, селидбата, носталгијата, тагата, сеќавањето, но и минливоста на времето .

„Поезијата на Дафи е луцидна, остроумна, автентична (и настрана од помодните текови), проткаена со родово сензибилна црта, духовита деконструкција на родовите обрасци и разобличување на родовата асиметрија на моќта. Таа ги предизвикува родовите стереотипи, како манипулативни, позајмувајќи им го при тоа својот моќен глас, духовитоста, проникливоста и игривоста на дотогаш премолчаните, изоставени, иако даровити жени, заробени во улогата на тивки статисти зад сцената на историјата“, се надоврзува професорката Шелева.

Керол Ен Дафи  се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Авторка е на близу 50 книги, од кои најнови се Искреност (2019) и Панаѓур на студот (2019).

Уште со првата, провокативно насловена книга “Standing Female Nude”, објавена во средината на 80-тите години, Керол Ен Дафи успеа да стекне широк круг читатели, , што во неа инстантно препознаа „расен, нов глас во поезијата“. Почнувајќи од таа дебитантска книга натаму, речиси секоја од следните поетски објави на Дафи беше наградена со најзначајните национални и меѓународни признанија.

За првпат во 400 години долгата традиција на ова признание, во 2009 год, Дафи беше избрана и како жена Poet Laureat на Обединетото кралство.

„Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме сретна сјајот на „Златниот венец“. Да се додаде моето име на листата поети кои толку многу ми значеле во животот како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Поезијата е животен повик, музика на човечноста, која само сака да му одговори на светот и притоа да вплоти во него нови песни“, изјавила Ен Дафи во поздравното обраќање до македонската јавност.