„Борка“: Македонија е трета во светот по смртност од рак, 13 лица умираат дневно

Во Македонија, кај 20 пациенти се дијагностицира некаков вид рак, а 13 умираат дневно од оваа болест, покажуваат податоците од здужението „Борка“ кои по повод 10 години од своето формирање ја почнуваат кампањата „Има излез“.

Според претседателката на здружението Биба Додева, Македонија е една од водечките земји во светот по смртност од рак, односно трета во Европа. Додева појаснува дека тие заедно со креативната агенција „Пи Ворлд“ ја започнуваат кампањата за подигнување на свесноста за ракот, со цел да им укажат на граѓаните за сериозноста на овој проблем, да ги поттикнат властите и здравствените институции да преземат активности во насока на решавање на овие живото-загрозувачки проблеми.

„На нашите граѓани им се потребни редовни прегледи, соодветни, навремени третмани и достапност до современи, иновативни терапии кои ќе им го спасат животот“, велат од здружението.

Од Здружението појаснуваат дека во кампањата главни ликови се членки од „Борка“, жени оперирани од рак, кои првпат пред јавноста говорат за стравот, болката, неизвесноста, но и за надежта, истрајноста и храброста да се соочат со дијагнозата и преку пораки изразија благодарност до оние кои биле покрај нив во текот на лекувањето.