Бојкот и протест ако не се решат проблемите во средното образование, најави Сојузот на средношколци

Сојузот на средношколци од Тетово го потсетија и предупредија министерот за образование Арбер Адеми на бројните проблеми кои се повторуваат секоја учебна година.

Тие посочија на недостатокот на учебници, грешките во нив, неусогласеноста помеѓу наставните планови и предметите, како и отсуството на соодветна литература во средните стручни училишта. Во реакцијата на средношколскиот Сојуз посочуваат дека учениците се принудени да купуваат книги од одредени професори и да фотокопираат, и покрај промоцијата дека книгите се даваат бесплатно.

Од Сојузот бараат брзо решение на овие проблеми и посакуваат тие да не се повторат и оваа школска година.

„Сојуз на Средношколци на Северна Македонија се надева дека Министерството за образование и наука ќе ја разгледа сега веќе застарената проблематика и со сериозност и на ефикасен начин ке инвестира време и напори со цел овие проблеми да бидат минати. Ако овие барања продолжуваат да наидуваат на глуви уши, Сојуз на Средношколци на Северна Македонија ќе преземе други демократски чекори за решавање на овие проблеми, неисклучувајќи и бојкот на образовниот процес како и протест на учениците“, стои во реакцијата.