Блажен Малески е избран за нов младински претставник во РИКО

Блажен Малески е новиот младински претставник во Управниот Одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) за Западен Балкан кој ќе ги застапува младите од Република Северна Македонија. Неговиот мандат е три години, позицијата е волонтерска, а целта на Малески во овој период е да помогне што е можно поголем број млади од земјава да бидат вклучени во програмите на РИКО.

„Да имаат можност да се запознаат со своите непосредни соседи,  да работиме повеќе на заедничкото разбирање меѓу шесте држави и да ставиме јасно до знаење дека сите шест држави имаат уште многу простор за подобрување и на младинските политики, со што и самото РИКО ќе стане подобро, бидејќи на тој начин има плодна почва за младинското организирање. За жал имаме една нееднаквост во сите шест држави, сите со свои проблеми во делот на младинските политики, но мислам дека ако заеднички како РИКО поставиме некакови стандарди, ќе бидеме на добар пат многу повеќе млади луѓе да го искористат РИКО, но и да станат регионални пријатели“, вели тој.

Додава и дека е многу важно во перидот кој следува младите да ги запознаат програмите на РИКО кои можат да им помогнат во нивниот развој, градење на својата кариера и познатства.

Малески беше избран од страна на 15 члена комисија која беше формирана за избор на младинскиот претставник во највисокото тело на оваа канцеларија. Работната група беше формирана од страна на Агенцијата за млади и спорт во рамки на јавениот повик испратен до сите невладини организации кои работат во полето на младите.

Претходно оваа функција ја извршуваше Владимир Ѓорѓевски кој во 2018 година дојде на местото на Бојана Наумовска,откако тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски поради низа нерегуларности донесе Одлука за поништување на нејзиниот избор.

[Став] Младите во регионот заслужуваат повеќе можности, интеркултурна соработка и регионално поврзување

Помирување и соработка меѓу младите од регионот, поттик на различноста, демократските вредности, активното граѓанско општество и интеркултурната размена, се целите кои треба да се постигнат со основањето на РИКО. Земји-потписнички на Декларацијата за нејзино основање се Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија. Седиштето е во Тирана, но во секоја од земјите-потписнички има национална канцеларија.