БитолаНаТочак: Одење со кола низ град е повеќе терет отколку корисно

Во градов точакот полека, но сигурно станува не само посакувана туку и единствена опција која гарантира брзо движење низ град, велат од иницијативата БитолаНаТочак.

„Со оглед на тоа што пополека, но сигурно #Битола се приближува кон следниот мајлстон’ 30.000 моторни возила, градов повеќето време е заглавен од бројни возила испопаркирани, застанати, хаварисани, товар/претовар, транзит шлепери, комерцијални возила/автобуси паркирани пред зграда/куќа и кој знај уште какви не, по тесни улички, паркинзи, тротоари, зелени површини…кои претставуваат пречки за нормално и брзо движење на луѓето“, соопштува БитолаНаТочак преку социјалните мрежи.

Од иницијативата потенцираат дека одењето со кола низ град е се повеќе терет отколку корисно. Сметаат дека времето се губи во кружење низ град, барање паркинзи, чекање колона…

„Поради зголемена побарувачка и емиграција такси има се помалку, а градскиот превоз ваков каков што е (малце линии, малце звтобуси, долги интервали на чекање, без јавно објавени возни редови, без ноќни линии, без возен ред за викенди и за празници, неинтегриран и неусогласени линии како на пример во Скопје…) не придонесува и не влева доверба кај граѓаните за барем на кратко да остават кола и одат поинаку освен со кола“, велат вело-активистите од Битола.

Оттука, забележуваат дека предуслов за движење во градот е поседување на кола, што го прави ексклузивен само за дел од граѓаните.

„Секоја година градов добива по 1.000+ ново регистрирани моторни возила (прва регисдтрација) што е тотално неодржливо! Проста математика вели дека катна гаража сега е зрно во песок. Ако мислиме во катна гаража ко решение ќе мора таа да е висококатница Се додека градот не си постави јасна цел намалување на бројот на возила во оптек (преку стимулативни мерки за алтернативните видови движење и рестриктивни за колите) по мин. 500 на годишно ниво за наредната деценија, овој град не може да смета на одржлив развој и ќе заглавува во метеж и загаденост се повеќе, а граѓаните ќе се се поболежливи и понепродуктивни, што директно ќе се одражи на економијата и стандардот во градов“, се вели во соопштението на БитолаНаТочак.