„Билка“ утре организира онлајн расправа „Каде заглавивме со канабисот“

Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ утре ќе одржи онлајн расправа со наслов „Каде заглавивме“, за која велат е посветена на моменталната заглавена легислатива за легализација на канабис и тотална незаинтересираност од законодавната и и извршна власт.

На расправата ќе учествуваат Јанаки Митровски од „Билка“, Моника Зајкова од ЛДП, Огнен Узуновски – Оги од ЗНАМ и граѓанскиот активист Давор Ангеловски.

Евентот ќе биде онлајн на Фејсбук-пејџот на „Билка“ и ќе се одржи симболично на 20.04. со почеток во 16.20 часот преку платформата „ЗУМ“.

Инаку, изминативе години канабисот остана „заглавен“ во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, иако граѓанските организации уште од старт бараа одделен, посебен закон што ќе го третира и регулира канабисот.

Владата во 2021 година во мај формираше работна група за регулација и употреба на канабисот, каде беа вклучени повеќе министерства и граѓански здруженија, но таа не продолжи со работа, иако беше утврдена потреба да се дозволи, освен лекарите од јавното, и лекарите од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис. Понaтаму, беше утврдено да се дозволи пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис – сам да може да одгледува и користи канабис во форма која според здравствената состојба најмногу му одговара.

Согласност имаше и да се прошири листата на специјалистичките гранки и за одредени состојби и болести за кои канабисот може да се препорачува како лек, особено што сега е заглавен да се препишува само за канцер, ХИВ, мултиплекс склероза и епилепсија. Во светски рамки, пак, познато е дека со канабис се третираат над 100 болести и состојби како аутизам, Паркинсова болест, Алцхајмер, фибромијалгија, анорексија, глаукома, мигрена, разни болки, несоници, депресија, зависности…

Понатаму, работната група за канабис ги дефинираше поимите декриминализација, легализација и депенализација. Донесе и заклучок за изработка на компаративна анализа на моделите во 10 различни земји од регионот.

Исто така, од Владата во 2021 рекоа дека очекуваат измени на Кривичниот законик, со кои експлицитно ќе се потврди со јасна формулација дека личната употреба не е кривично дело, односно дека во затвор не може да оди оној кој за лична рекреативна или медицинска употреба консумира канабис.

Од тогаш, до денес – од Владата владее молк за оваа проблематика.

Бојан Шашевски