Бездомништво не претставува само луѓе што спијат на улица

Скоро 60 проценти од бездомниците во Македонија се мажи на возраст од 40 до 60 години. Голем дел, односно 30,8% од бездомниците се разведени или разделени, 26,2 % се самци, 13,8 во вонбрачна заедница, а 3,1 % е сам/а со вонбрачно дете. Во однос на степенот на образование, скоро 30 отсто од бездомниците имаат завршено основно образование, 20 се без образование, нешто над 10 со средно, а регистрирани се и дипломирани лица (3 отсто).

Ова се дел од бројките и податоците вклучени во опсежното истражување на Асоцијација за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, која една година работеше на Бездомништвото околу нас.

„Паблик“ потенцира дека бездомништвото во Македонија најчесто се случува поради нарушени семејни односи, беда, невработеност, поради долгови, хипотеки, насилство. Исто така, во исклучително ретки случаи, бездомништвото е избрано и како стил на живот.

„Тес­но­то сфа­ќа­ње на по­и­мот без­дом­ниш­тво нѐ на­ве­ду­ва на зак­лу­чо­кот де­ка бро­јот на без­дом­ни­ци во зем­ја­ва е мал поради перцепцијата на овој феномен исклучиво преку профилот јав­но без­дом­ниш­тво што вклучува само ли­ца што спи­јат на ули­ца“, велат од „Паблик“.

Оттука, Асоцијацијата по истражувањето креираше и нов приод, т.е. два нови профила – скри­е­но и по­тен­ци­јал­но бездом­ниш­тво. Тука влегуваат разни ка­те­го­рии и по­тка­те­го­рии. Односно, скриено бездомништво опфаќа лица со (вон)институционално поддржано живеење од каде што треба да излезат во законски предвиден рок: жени згрижени во шелтри за жртви на семејно насилство, имигранти сместени во центри / прифатилиштата / социјални станови, лицата кои што треба да излезат од затвор, од здравствени или од други институции, а немаат расположливо живеалиштe.

Податоци од истражувањето „Бездомништво околу нас – јавно, скришно, потенцијално“ на Асоцијацијата „Паблик“

Потенцијалното бездомништво, пак, опфаќа лица што живеат во несигурно сместување (кај роднини и пријатели, во узурпирано живеалиште или во дом изграден на узурпирано земјиште), лица што живеат под закана од иселување (поради хипотека или поради ненамирени трошоци во изнајмено живеалиште, а одлуката за иселување е влезена во сила), лица што живеат под закана од насилство и лица што живеат во привремени, неконвенционални живеалишта.

„Потребно е дефинирање на бездомништвото во нормативни рамки и мерење на овој феномен зашто во отсуство на релевантни податоци за опсегот на овој проблем, Македонија се соочува со бројни предизвици во заштитата на основното човеково право – правото на дом“, вели Климентина Илијевски, извршен директор на Асоцијацијата „Паблик“.

Правото на соодветно домување е гарантирано со бројни меѓународни и европски инструменти за човекови права. Главната обврска на државите за обезбедување на остварувањето на ова право се пропишани со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права со член 11, со кој се признава правото на секој човек на соодветен стандард на живот за себе и за неговото/нејзиното семејство, вклучително и соодветна храна, облека и домување, и континуирано подобрување на животните услови. Овој пакт беше ратификуван од земјата во 1994 година.

Од „Паблик“ потенцирааат дека веб-страницата bezdomnistvo.mk дава интегриран приказ на состојбата со бездомништвото во Македонија во согласност со наодите на истражувањето. На страната се сумирани податоци и препораки за јавното, скриеното и потенцијалното бездомништво, но има и, меѓу другото, информации за трите основни пречки кон пристојното домување – економската, културната и правна.

Пречките се во релација со лицата што по оваа основа се соочуваат со социјална исклученост, но и со локалитети за живеење што се маргинализирани поради определен сплет на социјални околности. Најчесто се пројавува како супстандардно или сиромашно домување, вклучувајќи немање пристап до извори на финансирање за унапредување на условите на домување, или како правна несигурност, главно поврзана со големиот број нелегални градби во земјата.

Според податоците од Националната стратегија за домување (2007-2012), Република Македонија располага со суфицит од станбен простор, кој изнесува околу 130.000 станбени единици, што укажува на тоа дека многу семејства располагаат со повеќе од еден стан, а голем број од „станбено необезбедените семејства“ располагаат со станбен простор во руралните средини, кои со преселувањето во градовите ги напуштиле објектите или тие служат само како викенд-куќи.

Реално гледано, стои во истражувањето, состојбата на овие станбени објекти во голем дел од руралните средини е многу лоша, односно не постојат основни услови за живеење (електрика, вода, канализација, патишта, училишта, амбуланти, пошти, организиран сообраќај итн.), меѓутоа, постојат и подрачја во кои инфраструктурните објекти се, главно, задоволувачки и добри, но овие простори се користат, пред сè, како рекреативни населби.

Во однос на проблемите со домувањето, според податоците од последниот попис, во Македонија има вкупно 564.296 домаќинства, сместени во вкупно 698.143 станови (сите видови живеалишта), при што најголем дел од населението е лоцирано во Скопје. Во согласност со Државниот завод за статистика, во Македонија во 2012 година, 14,1 проценти од домаќинствата имале проблеми со покрив што протекува, влажни ѕидови, темели, искршени и гнили прозорци, при што процентот на семејства што се соочуваат со овие проблеми е поголем во урбаната средина (16,3 проценти) во споредба со руралните средини (12,8 проценти).

„Овој процент е видно намален во споредба со 2010 година, кога 25,1 проценти од вкупниот број домаќинства изјавиле дека се соочуваат со овој проблем. Просечната површина на живеалиштата во Македонија изнесува 71м2, односно, во просек, по 21м2 по член на семејство, но не постојат податоци за просечниот број на станари во еден дом. Во земјата, голем број семејства живеат во домот на родителите, а сè повеќе се зголемува бројот на живеалишта во кои живеат повеќе генерации“, стои во истражувањето.

Понатаму, процените укажуваат дека во Македонија има околу 100 супстандардни населби во кои живеат околу 274.000 жители. Официјалната пресметка е дека супстандардните живеалишта во Македонија изнесуваат 12 проценти од вкупниот број живеалишта, но широко е убедувањето дека бројот на вакви населби и семејства што живеат во супстандардни услови е многу поголем.

„Доколку се земе предвид дека во последниот попис на населението се идентификувани вкупно 564.296 домаќинства (со просечен број на членови 3,58) би значело дека во 2012 година вкупно 79.565 домаќинства имале проблеми со покрив што протекува, влажни ѕидови, темели, искршени и гнили прозорци, вкупно 54.174 домаќинства немале пристап до када или до туш, а вкупно 73.923 домаќинства немале пристап до внатрешен тоалет“, се вели во документот.

Од аспект на корисници на социјални услуги, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2013 година вкупно 106 бездомници користеле права и услуги од социјална заштита, при што најголем дел од овие лица биле на возраст од 26 до 45 години или вкупно 44 лица, и ана возраст од 22 до 25 години вкупно 29 лица.

Според евиденцијата на Црвен крст на град Скопје, во Македонија има 318 бездомници, но т.н. црна бројка се претпоставува дека е многу поголема поради константно високото ниво на сиромаштија (обем – 30,4 проценти во 2011 година и 30,9 проценти во 2010 година, според ДЗС320), високата невработеност, стареењето на населението, семеј- ното насилство, разводи поради финанси- ските проблеми во семејството. Следејќи ги статистичките податоци и податоците од пописот на населението спроведен во 2002 година, најголем дел од најзапоставената популација, во социјална смисла – ромската, со официјално регистрирано живеалиште (околу 45 проценти) живее само во 10 општини:  Битола, Виница, Гостивар, Дебар, Куманово, Кичево, Кочани, Прилеп, Тетово и Штип.

„Ромските семејства многу често живеат во супстандардни домови, во кои нема соодветен довод на вода за пиење и санитарија, домовите на ромските семејства се мали, планирани за извршување и за обезбедување на основните потреби, со животен простор од помалку од пет квадратни метри по член од семејството кај повеќе од 50 проценти од населението. Дури 77 проценти од семејствата имаат санитарен јазол (или полски тоалет) во дворот, а 58 проценти користат чешма за вода надвор од домот; но и натаму речиси 10 проценти од ромското население нема никаков довод на вода за пиење и за дневна хигиена. Се проценува и дека околу 50 проценти од овие семејства немаат соодветно решение за одвод на отпадните комунални води од нивните домови“, стои меѓу другото во документот.

Инаку, секоја година на 10-от ден од 10-от месец во годината се одбележува Меѓународниот ден на бездомништвото со цел да се сврти вниманието за овој брзорастечки проблем. Според проценките на Обединетите нации, ширум светот има повеќе од 100 милиони бездомни лица, а над една милијарда луѓе живеат во несоодветни живеалишта.

Бојан Шашевски