Без државна помош и оцрнети од медиумите – граѓанските организации едвај опстојуваат

Граѓанските организации во Македонија опстојуваат во лоши услови, со попречување на нивната работа, слаба финансиска одржливост, без државна поддршка и лоша слика создадена во медиумите, забележува новиот извештај на Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Генералната оценка за состојбата со граѓанските организации во државата е 3.9, со што во регионот, Македонија се наоѓа на шестото место, позади Косово, заедно со Србија и Црна Гора.

Според Балканската мрежа, честото менување на законите создадало правна несигурност, влошувајќи ја општата правна околина во која делуваат граѓанските организации.

„Загрижувачки се измените и дополнувањата на Законот за полиција, со кои што полицијата се овластува да употреби сила при јавни собири и тоа: електрошокови, гумени куршуми, специјални возила и експлозиви. Исто така, забележани се низа ограничувања на слободата на собирање, од кој најзагрижувачки е акцискиот план кој содржи одредба со која може да се донесе акт со кој ќе се забранат протести пред Собранието, а можеби и да се ограничат идните протести на граѓаните пред јавните институции.  Не се забележани случаи на затворени граѓански организации, но има случаи на пријавени вербални закани и етикетирања на организации кои критикуваат владини политики. Иако граѓанските организации работат непрофитно, и натаму го немаaт соодветниот фискален третман, или пак се дискриминирани при олесувања кои се на располагање за мали и средни претпријатија (на пример олеснување за данок на добивка)“, се вели во извештајот.

Финансиската одржливост е незначително подобрена и се уште ги прави организациите финансиски ранливи на долгорочен план, сметаат од Балканската мрежа. Финансиите во најголем дел доаѓаат од надворешни извори (ЕУ, УСАИД, СДЦ, Амбасадите на Велика Британија и кралството Холандија, посочуваат од таму.

„Државната поддршка е незначителна и не ги задоволува потребите на секторот. Добивките од лотарии и натаму се распределуваат преку нетранспарентна процедура“, велат од Балканската мрежа.

Исто така, тие забележуваат дека директната комуникација помеѓу владата и граѓанските организации е намалена, а барањата за средби и информации биле игнорирани или едвај прифатени.

„Граѓанските организации не најдоа добар сојузник во владата при формирањето на Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор, како и во однос на нацрт-Одлуката за финансирање здруженија и фондации од државен буџет, поради одбивањето или игнорирање на предлозите на граѓанските организации за двете одлуки од страна на владата. Исто така, организациите се уште не се вклучени во работните групи за ИПА фондовите. Влошено е и вклучувањето на граѓанските организации во креирањето на политики, а за тоа говори и фактот дека до крајот на 2015 година, 442 (66%) од законите биле донесени по брза постапка“, стои во извештајот.

Покрај ова, обезбедувањето на услуги од страна на граѓанските организации е недоволно и често не успеваат да ги задоволат сите потреби на корисниците поради недостиг на средства, нотира извештајот. Различни услуги се обезбедени за социјална заштита на деца, личности со хендикеп и маргинализирани групи, и организациите ретко заработуват од услугите што ги нудат.

„Благодарение на ограничената и поларизирана медиумска средина, имиџот во јавноста на граѓанските организации и натаму се влошува. Против граѓанските организации се водеше црна кампања предводена од провладините медиуми. Од тие причини, процентот на граѓани кои имаат доверба во граѓанскиот сектор имал значителен пад од 59,3% во 2013-та година, на 50,5% во 2015 година“, велат од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество.

Според најновите достапни податоци, во граѓанските организации се регистрирани  1 897 вработени со полно работно време, додека повеќето вработени се ангажирани на проекти или пак работат волонтерски. Стратешко планирање е забележано само кај поголемите организации.

Индексот е развиен од Американската агенција за меѓународен развој, а во Република Македонија се подготвува од 2015 година. Неговата е цел е да го прикаже напредокот на граѓанскиот сектор и да ја оцени околината во која делува граѓанското општество.