Бетовен во изведба на тројца исклучителни солисти

Филхармонија ќе одржи концерт в четврток (3 декември) во 20 часот насловен „Бетовен #3“ на кој како солисти ќе настапат тројца исклучителни музичари – Емир Имеров- виолина (Германија), Александар Кагановски- виолончело (Швајцарија) и Ваг Папијан-пијано (Израел).

Како солисти ќе настапат во изведбата на Концерт за виолина, пијано, виолончело и оркестар оп.56 од Бетовен. Диригент е Конрад ван Алфен од Холадија, а на програмата е и Серенада за дувачки оркестар од Антонин Дворжак.

Емир Имеров (Скопје, 1975) ја добива прва награда на виолински натпревар на 12 години. Во 1991 година се сели во Германија, каде продолжува да учи виолина во музичкото училиште во Менхенгладбах, а потоа студира на Музичката академија во Вурцбург во класата на Г.Зислин каде што дипломира во 2000 година. Имеров е член на кваретот „Виртуози од Санкт Петербург“ со кој беше на турнеја во САД, Австралија, Швајцарија и Германија. Од 2004 година Имеров е прва виолина во симфонискиот оркестар во Менхенгладбах и предава на тамошната музичка академија. Држи и часови како гостин професор во Грција, Полска, Германија, Белгија и Хрватска.

Александар Кагановски е роден во Киев, Украина. Првите музички часови ги имал на пет години. Само неколку години подоцна настапил како солист, а на шеснаесет години ја добил првата награда на државниот натпревар по музика во Украина. Во 1985 година ја добива првата награда на натпревар во Израел, и од тогаш е член на Ираелскиот гудачки квартет. Од 1998 година Александар Кагановски живее во Швајцарија.

Интернационалната кариера на Ваг Папијан како пијанист започнува во 1979 година откако ја добива првата награда на натпреварот во Лисабон. Веднаш почнува да настапува како солист со водечките оркестри во тогашниот СССР, како и да одржува рецитали во Санкт Петербург и Москва. Како пијанист настапувал во Базел, Барселона, Женева, Торонто, Отава, Њујорк, како и во Јужна Америка и на Далечниот исток. Диригирал со Новата јапонска филхармонија, Израелскиот камерен оркестар, Израелската филхармонија.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.

Имеров, Кагановски и Папијан в петок (4 ноември) во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија ќе одржат концерт со своето „Бенџамин пијано трио“. На програмата се дела од Бетовен и Менделсон.