Бенефиции за студенти, повисоки плати, научноистражувачка дејност – што нудат кандидатите за нов ректор на УКИМ?

За два дена е закажано гласањето за нов ректор на најстариот и најголем универзитет во државата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во трката се вкупно седум кандидати. Во меѓувреме, Радио МОФ ѕирна во нивните програми за да провери за какви вредности се залагаат и што е она што им го ветуваат на студентите и на своите колеги професори. 

Автономија, повисоки плати, подобар студентски стандард, поддршка за научноистражувачката дејност, поголем буџет за Универзитетот и практична настава. Ова се клучните зборови кои се провлекуваат во речиси секоја програма на кандидатите што ја прочитавме. Нивната обемност варира, но главните поенти и идеи се движат околу подобрување на квалитетот на образованието, градење подобар имиџ на Универзитетот кон надворешниот свет, поголема поврзаност меѓу неговите единици и поголема вклученост на студентите во процесите на донесување одлуки. Во продолжение, прочитајте извадоци од нивните програми:

Јане Ацевски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“

УКИМ има потенцијал и треба да биде, и ќе биде универзитет кој ќе продолжи да предначи и да ја ужива почитта на сите.

Ацевски во својата програма вели дека ако биде избран, во својот мандат ќе се залага за зацврствување на автономијата, како и на финансиската и кадровската независност. Образовната дејност, пак, ветува тој, ќе се одвива во насока на постигнување квалитет наместо квантитет со цел осовременување на наставно образовниот процес.

Тој се фокусира на зголемување на ефикасноста на студирањето, студентската и академската мобилност, подобрување на квалитетот на образовниот процес, развој на научно истражувачката и иновативната дејност, зголемување на бројот на визитинг професори, соработка и примена на искуствата и добрите практики на престижните универзитети, како и поголемо учество во универзитетски меѓународни асоцијации мрежи.

Според него, развојот на издавачката дејност главно треба да биде фокусирана на е-издаваштвото на Универзитетот. Ацевски уверува дека ќе се залага и за формирање на централна канцеларија за кариера и за создавање на интегрирана поврзаност со веќе постоечките центри за кариера на факултетите. Меѓудругото, ќе се залага и за формирање на посебно одделение за администрирање и поддршка на меѓународните проекти.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.

Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања 

Веднаш ќе започнам со целосно усогласување со новиот Закон за високо образование, како и промени на Статусот кои ќе обезбедат подемократско управување со Универзитетот и ќе отворат можности за концентрација на квалитет на нашиот производ, Ќе иницирам носење нов Закон за научно-истражувачка дејност и ќе барам поголем фонд за научни истражувања.

Атанасов ветува дека ќе се залага за промена на државната стратегија и повисок квалитет во високото образование. Според него, државата мора да го преиспита постоењето на дел од образовните институции кои не обезбедуваат квалитет, туку како што вели, само продаваат дипломи. Уверува дека ќе се бори за поголемо финансирање на образованието и науката, а дека ректорот нема да бара ништо што е неразумно и нелогично.

Приоритет на неговото работење ќе биде внатрешно искористување на кадровските и материјални ресурси, обезбедување на стабилно и повеќегодишно финансирање, активна соработка со студентите и поддршка на нивните проекти, значително учество во европските фондови и вмрежување, како и поголемо влијание врз општествените процеси и економијата.

Тој предлага и целосно усогласување со новиот Закон за високо образование, како и промени на Статусот кои како што уверува ќе обезбедат подемократско управување со Универзитетот, а планира да иницира и носење нов Закон за научно-истражувачка дејност и ќе барам поголем фонд за научни истражувања. Покрај ова, за Атанасов прифатлива е идејата за отстапување на автономен студентски културен центар на универзитетските кампуси, каде што студентите сами би го организирале и би го користеле овој простор.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.

Коле Василевски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“

Прифаќајќи ја кандидатурата за функцијата ректор на најстариот, најголемиот и најдобриот универзитет во Република Северна Македонија, свесен сум за обврските и проблемите кои претстојат. Одговорноста е уште поголема, зашто како проректор во два мандата, во различни ресори, имав реална можност да се соочам со нив. Двата мандата беа доволен период за да ги согледам можностите за подобрување во сите сфери на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во рамките на интегриран универзитет, со рамноравно учество на сите единици во негоиот состав, упорно работење и посветеност, сите проблеми и предизвици успешно може да се надминат.

Василевски во неговата програма се фокусира на градење. Тој предлага адаптирање и доизградба на одделни единици на УКИМ, зголемување на енергетска ефикасност на одредени објекти и подобрување на просторни услови за научноистражувачка и образовна дејност, како и довршување на изградбата на ФИНКИ, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје кои започнаа да се градат на кампусот на УКИМ.

Во однос на студентите и наставниот кадар, најавува дека ќе работи на нивна поголема мобилност и воведување студиски програми по пример на водечки универзитети, но и зајакнување на соработката на регионално европско и меѓународно ниво. Во неговата програма стои и „зајакнување на поддршката на Студентскиот парламент за учество во работата на европските студентски структури и асоцијации“.

И тој ветува афирмација на науката и истражувачката дејност, како и залагање за надлежните да одвојат повеќе финансии и да продолжи опремувањето на лабораториите. Покрај ова, тој има идеја и за воведување достојни плати за универзитетскиот кадар, враќање на Шангајската листа, подобрување на постојните и воведување нови интердисциплинарни студиски програми, поддршка на културни и други центри за популаризирање на македонскиот јазик, интензивирање на практичната настава, поддршка за издавачката дејност и зголемување на библиотечниот фонд и подобрување на животниот стандард на студентите.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.

Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна

Сакајќи да се поттикне големиот интелектуален потенцијал на УКИМ, пред се за да се променат состојбите на универзитетот, но и да се даде придонес во промена на состојбите во високото образование во државата, преку мој целосен ангажман ќе ги ставам во функција моите досегашни знаења и искуства во универзитетски менаџмент како продекан на факултет во еден мандат и како декан во осум годишен период (член на ректорска управа) и целосно ќе се посветам на мисијата за враќање на достоинството на УКИМ, зајакнување на неговата позиција на најдобар универзитет во државата, еден од водечките во регионот и препознатлив на единствениот академски простор во Европа и Светот.

Димитриевски преку својата програма ветува дека веднаш по преземање на функцијата ќе биде побарана измена во Законот за високо образование со што ќе се овозможи легалност на „учење на далечина“, во сите фази со спроведување на завршно оценување. Тој предлага воспоставување на нов модел за финансирање на високото образование, во кој целосно ќе се обезбеди автономијата во финансиското работење, како и нов начин на користење на средствата од меѓународните проекти, нивна поделба со единицата од каде доаѓа проектот, а делот за УКИМ да оди исклучиво за финансирање на активности кои ќе ја јакнат интеграцијата.

Димитриевски предлага и обновување на универзитетската печатница со цел да се следат современите светски универзитети кои градат препознатливост на изданијата на нивните членови. Потоа, ветува надградба на компјутерскиот центар во УКИМ и негово прераснување во единствен компјутерски центар за поддршка на сите единици и вработени на универзитетот, како и дигитализација на студентските прашања. И Димитриевски вели дека ќе се потруди да изнајде решение за доизградба на веќе започнатите објекти на двата факултети (ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје).

За студентите, пак, вели дека ќе ги поддржува и поттикнува да учествуваат во научно-истражувачките активности и настани, а за поголема инклузија на студентите со попреченост предлага да се формира посебно тело кое ќе ги препознава, превенира и навремено иденфитификува потребите од поддршка на овие лица. Предлага и воведување државни стипендии за докторанди на УКИМ, посебен награден фонд за објавување на трудови во престижните списанија Nature и Science и посебен фонд за поддршка на катедрата за македонски јазик во привлекување на студенти кои ќе го изучуваат македонскиот јазик и литературата.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.

Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет

Развој на Универзитетот како општествено одговорна институција која ќе обезбеди еднакви образовни можности за секој човек, без оглед на раса, пол или сексуална ориентација, етничка или национална припадност, социјално потекло, имот, јазик, религија, политичко убедување, раѓање или постоење хендикеп.

Како своите колеги и Димитров вели дека ќе се залага за градење нов систем на финансирање и јакнење на материјалната основа, oбезбедување на наставен и помошно наставен кадар, зголемување на буџетот за научно-истражувачка работа во рамките на МОН и универзитетот, како и зголемување на рејтингот на УКИМ на Шангајската листа за неколу стотици места во наредниот птогодишен период.

За целосно имплементирање на автономијата на Универзитетот и неговите единици, Димитров најавува силна заложба да се реформира процесот на финансирање на универзитетите во Република Северна Македонија и да се формира годишен буџет за секој Универзитет посебно. Ова значи дека УКИМ, само на овој начин, ќе може да ги формира буџетите за секоја факултет и Институт посебно, за развој на интегративните функции на УКИМ. Единиците ќе можат да го планираат сопствениот развој, а Универзитетот ќе може соодветно да ги награди вработените и да го подигне стандардот на ниво кое што го заслужува Универзитетската фела, појаснува кандидатот. За професорите, пак, ветува дека ќе лобира платата на редовен професор, која ја финансира Министерството за образование и наука, да се зголеми на 72.000,00 денари (1200 ЕУР) во нето износ.

Меѓудругото, тој предлага и медиумско претставување на УКИМ, не само во Република Северна Македонија туку и надвор од неа. Со оваа активност, смета тој, ќе се создадат предуслови за поголемо меѓународно афирмирање и зголемување на интересот на странските студенти да студираат на УКИМ. Покрај ова, предлага да се отпочне со доделување награди на поголем број научни и стручни трудови, во кои студентите ќе учествуваат рамноправно и имаат удел во нивната изработка од најмалку 50 % во сите научни подрачја што ги негуваат единиците и институтите на УКИМ.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.

Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје

Евидентно е дека нашата земја е далеку од постигнувањето на земјите членки на ЕУ во сите сфери на општественото живеење, па и во образованието. Се разбира дека овој факт не треба да нè демотивира, напротив,тојтреба да нè поттикне да ги искористиме сите расположливи ресурси и капацитети и што побрзо да фатиме чекор со останатите во периодот што претстои. Овој процес ќе биде долг и неизвесен, но треба да се мобилизираме бидејќи тоа им го должиме на генерациите што доаѓаат по нас. Во таа смисла, мојата програма за работа на Универзитетот се темели на принципите на посветеност, отвореност, транспарентност, достапност и правичност како основни вредности потребни за квалитетен институционален развој.

Живковиќ во својата програма се фокусира на трансформација која треба да оди во насока на дигитализација на студиите т.е. воведување на учење на далечина како алтернатива на традиционалната форма на настава, онаму каде што е можно и изводливо. Тој предлага и нова стратегија за подобрување на уписната политика и студирањето на универзитетот. Покрај ова, има идеја и за формирање Универзитетски центар за поддршка за студентите од ранливите категории (инвалиди, социјално загрозени групи и др.).

Како посебна стратешка определба, Живковиќ споменува и формирање на посебен фонд за стипендирање на студентите на т.н. СТЕМ (science, technology, engineering and mathematics) подрачјата (природни науки, биотехнички науки, биомедицина и здравство и технички науки), како едни од најважните подрачја за брз економски развој. Ветува и поддршка за уметнички и спортски активности, подобрување на iKnow-системот, изработка на нова веб-страница на УКИМ, изработка на портал за пристап кон OpenAccess – списанија кои се издаваат од единиците на Универзитетот;

Тој најави дека ќе се заложува за раст на платите, како и да се изработи повеќегодишна развојна програма за пополнување на испразнетите и отворање на нови работни места на универзитетите како во делот на наставно-научниот кадар, така и во делот на административно-техничкиот персонал. Исто така, најави и отворање на Центар за унапредувањето на наставничките компетенции, но и Клуб на пензионирани професори.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.

Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет

Како ректор на Универзитетот и понатаму ќе ја поддржувам самостојноста и одговорноста на деканите, директорите и наставно-научниот кадар на факултетите и институтите, бидејќи само со одговорни и посветени наставници и декани и директори ќе можеме и понатаму да го градиме нашиот Универзитет како моќна и влијателна институција. И понатаму ќе настојувам со својот тим на соработници, студентите, наставниците, истражувачите и сите други вработени на Универзитетот да се чувствуваат почитувани и да бидат во центарот на нашите интереси и залагања. 

Досегашниот ректор на УКИМ, Јанкуловски, во својата програма задржува дел од актуелните пракси, но најавува и нови кои досега не биле реализирани. Една од нив е она што и неговите колеги го споменуваат во своите кандидатури – студиски програми на англиски јазик за привлекување на странски студенти и доизградба на зградите на ФФОЗД и ФИНКИ. Покрај ова, тој смета дека е потребно да се воведат стручни докторски студии за потребите на стопанството, како и поддрка на докторандите за заштита на нивните пронајдови во текот на докторските истражувања, преку дополнителен центар при ИНОФЕИТ.

Негов фокус се стекнување практични вештини, програма за поддршка на студентите со попреченост и формирање посебно одделение за нив. Поголема мобилност на наставниот кадар и поголема автономија во спроведување на конкурсот за упис на студенти. Јанкуловски најавува дека ќе бара да се промени праксата со која за вработување на научен подмладок се бара согласност од Министерството за образование и наука, туку тоа да го спроведува Универзитетот, со надзор од министерството.

Покрај ова, предлага промена на сегашниот модел на избор на ректор, бидејќи според него не ја рефлектира волјата на мнозинството на заедницата и дека со Законот за високо образование се регулира избор, ама не и негово разрешување. Во однос на професорите, ветува зголемување на минималната нето плата и предлага стимулирање на наставниот кадар за создавање на електронска библиотека од материјали за поддршка на наставата и учењето. Во неговата програма се споменува и формирање на веќе започната идеја за Центар за алумни, формирање на Етичка комисија која ќе ги детектира повредите на Етичкиот кодекс на Универзитетот и воспоставување на канцеларија и одбор за управување со квалитетот на УКИМ, составен од наставници од разни научни подрачја.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.

Емилија Петреска