Бендот „Њу Ордер“ се заблагодари за наградата за животно дело во музиката и филмот од „Скопје Синема Сити“

Алтернативниот њу-вејв состав „Њу Ордер“ се заблагодари за добиената „Награда за животно дело и достигнувања во музиката и филмот“, која им беше врачена од страна на фестивалот „Скопје Синема Сити“. Секое издание на „Скопје Синема Сити“ го отвора филм за одреден артист, на кого му се посветува изданието и му се доделува „Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот“. Овојпат фестивалот во фокус ја стави англиската рок група „Њу ордер“, преку отворањето со филмот „Декади“. Фестивалот ја испрати наградата во Манчестер.

Награда за животно дело за достигнувања во музиката и филмот

„Оваа награда ја изразува нашата почит за музиката на бендот, која практично претставува саундтрак на нашите животи и е нераздвоен дел од современата култура. Нивните песни се совршен спој од срце и душа, исполнети со музички иновации и смело експериментирање. Како резултат на тоа, нивната музика обележала повеќе музички сцени што се појавиле почнувајќи од ’80-тите до денес. Тоа ги прави да се достојни на нашата восхит и почест,“ вели директорот на фестивалот Ненад Георгиевски.

Фестивалот беше отворен со филмот „Декади“ на режисерот Мајк Кристи во дворот на Кинотека на Македонија и на тој начин им беше одадена посвета на составот.

Наградата за бендот, а и сите визуелни решенија, се дело на Дијана Димитриевска која е долгогодишен соработник на фестивалот.

Со џез вечерта на Скопје Синема Сити и прикажувањето на филмовите „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел“ се заврши првиот викенд на Скопје Синема Сити, а следниот е најавен за 2 и 3 октомври во Кинотека на Македонија.

„Скопје Синема Сити“ е во организација на здружението Номад-Арт Скопје. Фестивалот е помогнат од Агенцијата за филм на РСМ и е организиран во соработка со Кинотека на С. Македонија.