Белоруските власти ја забранија работата на независен портал

Белоруските власти ја суспендираа работата на независниот информативен портал „TUT.by“, кој активно го покрива протестното движење против претседателот Александар Лукашенко, пренесува српски „Н1“.

Белоруското Министерство за информации наведе дека работата на сајтот е суспендирана од 1 октомври до 30 декември. Привремениот прекин на работата на сајтот беше донесено во рамките на судска постапка која тоа министерство ја покренало поради „информации чие емитување е забрането“.

Земјата ја тресат протести од почетокот на август по реизборот на Лукашенко, кој владее од 1994 година. Главните опозициски фигури и новинари се уапсени или принудени на прогонство.

Порталот „TUT.by“ кој е основан во 2000 година е главна независна медиумска организација во Белорусија која претходно беше подложена на притисок од властите. На веб-страницата се пренесуваат протести, видеоснимки и фотографии од собирите на опозицијата и жртвите на репресија.

Од порталот денеска сооштија дека од 1 октомври го губат статусот на медиум, што му овозможува легално да пренесува информации од конфликтни и ризични зони за време на големи протести и други важни општествени настани. Оттаму додаваат дека ќе продолжат да работат како обична интернет страница.

Поради недостатокот на акредитации, многу медиуми блиски до опозицијата работат нелегално. Од почетокот на протестите, на некои дописници од западните земји им се одземени акредитациите.

Опозициската лидерка Светлана Тихановскаја која пребегна во Литванија, веднаш реагираше и ваквата мерка ја оцени дека е „против правото на вистина“.

Новинарка од Минск за Радио МОФ: „Луѓето сфаќаат дека режимот нема иднина“