„Белите дробови“ на Сараево поцрнеа за 20-тина дена

По 25 дена од поставувањето инсталацијата наречена „Белите дробови на градот“ во Сараево видливо ја промени бојата демонстрирајќи колку жителите на главниот град на Босна и Херцеговина секојдневно дишат нечист воздух.

Инсталацијата беше поставена на почетокот на јануари со цел да се подигне јавната свест за штетните последици од аерозагадувањето.

„Инсталацијата е направена од материјал во бела боја кој 45 дена ќе биде изложен на сите временски услови, меѓу кои и невидливите отровни честички во воздухот, кои се невидливи за окото. „Белите дробови на градот“ нема да ја мерат загаденоста, но со промената на бојата визуелно прикажуваат колку е загаден воздухот кој граѓаните на Сараево секојдневно го вдишуваат“, порачаа организаторите на оваа акција.

Инсталацијата засега е поставена на три локации во градот, а се планира да бидат поставени дополнителни „бели дробови“ и на други прометни места.