„Бела ноќ“ викендов во Охрид

Со манифестацијата „Бела ноќ“ викендов (14 -15 јули) ќе се отвори годинешната туристичка сезона во Охрид.

Како што соопштија од Општина Охрид, настанот е подготвуван четири месеци, а ќе започне во сабота во 18:00 часот со настап на DJ Gec и уште неколку локални Дџ-и во центарот на Охрид, при што главната бина ќе биде поставена на брод во водите на езерото.

Во текот на вечерта е најавен концерт на Масимо Савиќ, по што следуваат настапите на Dj Nasty DeLuxe, Dj Janeм како и германскиот „суперстар“ DJ Tomcraft.

За „afterparty“ забавата ќе се погрижи Dj Regie Rules, а во текот на вечерта е најавена забава и со Баскер уметници.

„Основната идејата е градот да живее во еден здив, да се отворени сите објекти, за што задолжително ќе понудат и соодветни цени и програма. Како задолжителен елемент за надополнување на впечатокот да бидат и настапите на Баскер уметници, огномет и пропратни пиротехнички активности.

Она на што би сакале во оваа прилика да апелираме е на разбирање на граѓаните на Охрид, особено на оние кои живеат во стариот дел на градот. Станува збор за една вечер и би сакале да направиме вистински спектакл, каков што градот навистина заслужува. Охрид е туристички град и би сакале најискрено сите да помогнат, барем и со разбирање, градот да живее во еден здив и со насмевка и подадена рака да оставиме впечаток на добри домаќини, на град кој максимално го заслужува името – најголемиот туристички центар во државата и многу подалеку“, велат од Општина Охрид.