Бегалци, мигранти и ксенофобија во македонските медиуми

Кои се клучните проблеми при медиумското известување за бегалците и мигрантите кои минуваат низ Македонија?

Пишува: Проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Проблемот со една од најмаргинализираните групи на светот: бегалци-илегални-мигранти-баратели на азил, се манифестираше во македонските медиуми уште на почетокот на годината. Во некои медиуми се појавија дури и многу драстични наслови како: „Македонија убиец на мигранти“, а темата беше и пошироко анализирана.

Ситуацијата понатаму ескалираше со зголемувањето на бројот на луѓе кои бараа да преминат преку територијата на Македонија и со многу поширокиот европски и светски интерес за проблемот со луѓето кои од Блискиот исток и Африка се обидуваат да дојдат во Европа.

Во вакви ситуации медиумите имаат исклучително значајна улога. Тие можат да се појават како промотори и заштитници на човековите права и контролори на власта во функција на нејзино исполнување на обврските преземени согласно меѓународните договори, или како промотори на ксенофобија и омраза.

После првичното потполно отсуство на интерес за луѓето кои преминуваат низ територијата на Република Македонија на пат кон Европа, и после многу големиот интерес околу серијата неистражени смртни случаи (кои впрочем и ден денес останаа недоволно истражени), со зголемувањето на бројот на баратели за транзит на грчко-македонската граница, медиумите повторно се свртеа кон темата.

Меѓутоа, можат да се издвојат два битни проблеми во медумското известување за оваа проблематика. Првиот проблем е отсуството на јасно разликување на поимите мигрант и бегалец.

Во голем број медиуми се употребува терминот мигранти, а во нешто помал терминот бегалци, а во најголем број од нив се користат обата термини и тоа како синоними со целосно идентична содржина. Само во неколку исклучоци се користат обата термини, но како неидентични синоними.

Најчесто воопшто не се води сметка за разликата меѓу термините мигрант и бегалец. На пример, под насловот „Македонија капитулира пред напливот мигранти“ во текстот се зборува за бегалци:

Многу бегалци сакаат да стигнат во Унгарија пред таа да ја огради границата. Бројките на мигранти на балканската рута експлодираат. Властите се беспомошни. На повидок ли е европска стратегија?

Слично, под насловот – „Страшно: Четири дечиња бегалци се меѓу угушените во камионот“ се вели:

Полицијата во Унгарија упаси три лица кои се сметаат дека криумчарале мигранти.

„Се удавија 200 бегалци на патот до Европа во Средоземното Море“

ЛИБИЈА (АП) – Либиските служби собираа тела на мигранти кои се удавија кај крајбрежниот град Зувара и се стравува дека има 200 мртви во најновата катастрофа во која настрадаа очајни луѓе кои се обидуваат да стигнат до Европа.

Во дел од медиумите се спомнуваат и бегалци и мигранти, но не како идентични синоними. На пример: „Над 300 000 бегалци го минале Медитеранот на пат до Европа“, што е најверојатно најблиску до вистинската ситуација.

Во исклучително мал број медиуми се дадени дефиниции на поимите мигрант и бегалец. Најпрецизно информира Фактор:

„Ројтерс“ објави детално објаснување на разликите помеѓу „бегалец“, „барател на азил“ и „мигрант“. Обично овие зборови се користат како менливи, но разликите се големи и се однесуваат дури и односот кон различните групи.

Она што паѓа во очи е дека има случаи (како на пример весникот Вечер) кога медиумот и покрај тоа што укажува на постоењето разлика меѓу поимите мигрант и бегалец, во друг напис (па дури и во истиот напис), повторно ги меша поимите. На пример, во написот под наслов „За бегалците има чаре, за мигрантите нема спас“, направен е обид за диференцирање на поимите, меѓутоа, тоа нема никакво влијание врз натамошната содржина на текстот. Неколку дена подоцна, под насловот„Транспортот на мигрантите се одвива без проблеми“ во истиот весник воопшто не се спомнува ниту пак се практикува веќе направената дистинкција.

Разликувањето меѓу мигрант и бегалец е од исклучително значење. Мигрантите селуѓе кои донеле решение да се преселат од примарно економски причини или зарадилична удобност односно преференција и, главно слободно односно без влијание на некој надворешен релевантен фактор. Тие самите решаваат за тоа кога да го напуштат своето живеалиште и каде да одат, и покрај тоа што просторот за избор некогаш може да биде многу ограничен. На другата страна, бегалец е човек кој заради воени настани многу оправдано стравува дека може да биде прогонет заради својата раса, религија, националност, припадност на конкретна социјална група или политичко уверување и оттука ја напуштаат сопствената држава (за разлика од раселените лица кои бегаат од загрозените подрачја, но не ја напуштаат својата држава). Терминолошкото разликување е исто толку важно и од формален аспект (важење односно примена на сосема различни меѓународни документи – Конвенција за правата на мигрантите работници на ООН која Македонија ја нема ратификувано, и, Конвенција и Протокол за статусот на бегалците на ООН – кои Македонија ги има ратификувано. Од правен аспект, токму ова ја одредува одговорноста на една држава за и спрема конкретната категорија, при што клучен критериум се причините заради кои доаѓа до напуштање на матичната држава на живеење.

Конфузијата на поимите продолжува и во содржината на медиумските анализи. На пример во медиумот Локално, под насловот „Бегалско цунами доаѓа во наредните месеци – Европа на штрек!“ се сместени сториии за имигранти и бегалци, за воени дејствија и лоша економска положба, за политички и економски решенија.

Сето ова создава потполн хаос од информации, меѓутоа, пред сè, создава чувство на загрозеност и страв, или барем неизвесност, од „другите“ кои доаѓаат во огромен број и со огромна моќ „удираат“ врз секојдневниот живот на луѓето.


„Бегалците се човечки суштества“. Фото: Forbes

Втор проблем во медиумското известување е поттикнувањето ксенофобија и непријателство кон луѓето кои ја поминуваат македонската граница (било да станува збор за мигранти или за бегалци).

Чувството на загрозеност прво се потенцира со некритично пренесување на изјавите на високите функционери. Таков пример е изјавата на Никола Груевски (во својство на премиер) според кој „Мигрантскиот бран допрва ќе зема замав“.

Многу раширен начин на сеење страв е пренесувањето и ширењето стории во кои напишаното е дадено како факт и покрај тоа што ниту може да се провери, ниту пак може да се докаже, а најмалку од сè може да се прифати како генерална ситуација. На пример, на порталот Калимеро, е дадена сторија под наслов „Мигрантите покажаа заби: ’Наместо цркви, тука ќе има минариња‘“ (истата сторија е дадена и во весникот Вечер под наслов „Ахмед од Либија стигна до Србија: Наместо цркви во Европа ќе се гледаат минариња. Тоа ќе биде нашата освета!“), во која директно се поттикнува ксенофобија и исламофобија.

Немам забелешка на Србите. Но, Грција, Унгарија, Словачка и Хрватска се членки на НАТО. Точно дека тие не ја бомбардираа мојата земја, но зарем тие не плаќаат пари во воениот буџет на НАТО? Зарем не праќаат свои војници во Авганистан и Ирак? Тие нема да можат да ја избегнат казната. НАТО е крвав окупатор на целиот Блиски Исток, и сега слабата Европа која се препушти на американскиот Сатана ќе биде уништена. Нашите жени ќе родат многу деца. За пет години лицето на Европа целосно ќе се смени. Јас на тоа не се радувам. Ја почитувам големата европска култура и не сакам наместо цркви овде да стојат минариња. Но така ќе биде. Тоа е освета. Ишала! вели Ахмед.

Сличен ефект треба да предизвика и написот даден на порталот INFOMAX под наслов„Терористи меѓу мигрантите: Командант на ИСИС влегол во Грција, транзитира низ Македонија како мигрант!“ и на порталот Курир под наслов „Фото: Дали ова е вистинската слика за мигрантите од Сирија?!“.

Чекор понатаму прави телевизијата Алфа, која бегалците ги става директно во контекст на тероризмот. Под насловот „Тероризмот се посериозна закана во светот – Македонија подготвена“, се истакнува

И премиерот Груевски смета дека мигрантска криза е само почеток на еден вид нова голема преселба на народите, која допрва ќе добие замав. Заканите од тероризам според него демнат над цела Европа.

Многу сличен е и написот „4.000 терористи ги искористиле бегалските маршрути“ на порталот Република кој завршува и со директна закана упатена кон бегалците или, директен повик на активен напад од страна на граѓаните

Доколку бегалците на кој било начин бидат поврзани со тероризам на македонска територија, тогаш повеќе од сигурно е дека ќе се соочат со дополнителен притисок на своето патување кон мирот и благосостојбата. Во таков случај, поради засилените мерки на полицијата и зголемениот антагонизам кај јавноста, тие би можеле да се соочат со напади, реваншизам и насилство од македонските граѓани и тоа неколкукратно поголем од криминалот и од кражбите со кои се соочуваат сега.

Само во мал број медиуми се дадени информации за причините за бегалската криза и информации кои се спротиставуваат на генерално пласираната идеја за тоа дека постои осмислено освојување на Европа/Балканот/Македонија од страна на муслиманите/исламисти/терористи.

Токму ваков вид анализи можат да помогнат во разбирање на реалната ситуација, во градење ставови и однесувања кои се базираат на концептот за човекови права и, пред сè, во посочување и на другите држави, но и над сè сопствената држава, како активни чинители во заштитата на основните права и слободи на секој човек.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).