Балетскиот танчер Марко Мицов е автор на македонската порака за Меѓународниот ден на танцот

Танцовиот одбор на Македонскиот центар на ИТИ за оваа 2018 година, го избраа младиот и успешен Марко Мицов, балетски танчер кој живее и работи во САД, за автор на македонската театарска порака по повод 29 април – Меѓународниот ден на танцот.

Во пораката младиот Мицов говори како тој го доживува танцот во однос на животот, во однос на светот.

„Танцот дава смисла на животот, дава неисцрпна енергија, дава мотив за создавање нови дела кои причинуваат непроценливо задоволство. Танцот е мој сон, кој вечно ќе го сонувам. Тој е извор на енергија и задоволство, тој е наш вечен пријател. На овој голем ден, на овој јубилеј сакам да порачам дека танцот е непроценливо богатство на човештвото. Танцот не зближува и припаѓа на сите луѓе во светот подеднакво. Ние танчерите и сите други да го правиме танцот стил на живеење, светски гласник на мирот, гласник на еднакви можности и еднаквост за сите во сите делови на земјината топка. Како танчер имам желба оваа порака да стаса до народот на Сирија“, вели Мицов во својата порака.

Како што забележува МИА, Мицов изразува жалење што досега од Македонската опера и балет го немаат покането и ангажирано на проект. На Американците, вели, им е необично што толку талентиран танцов уметник доаѓа, студира и настапува во САД без референции за претходни професионални, сценски настапи во Македонија.

Меѓународната мрежа на ИТИ УНЕСКО, годинава слави јубилеј 70 години од своето постоење и делување (1948-2018). По повод јубилејот регионалните центри на ИТИ во Европа, Африка, Азија, Америка и Арапскиот центар на ИТИ организираа повелби за пет заслужни театарски уметници-танчери, кореографи од светот.