Авторката на врбите во Вардар: Лесно е едно современо уметничко дело да го сведеш на врби

Односот на нашата средина кон уметничкото дело „Вера, надеж, љубов“, или трите врби на Вардар како што полесно ги препознава јавноста, беше повод за изложбата „@Траги“ на авторката на ова дело, Искра Димитрова. Во „Чифте амам“, сред Старата скопска чаршија, „@Траги“ пред јавноста покажа како трите врби поставени во средината на коритото на реката Вардар, станале предмет на  политички игри, манипулации, спинови и лаги.

Фото: Игор Сековски

Кога зборува за своето авторско дело, такво какво што требало да биде пред букнувањето на проектот Скопје 2014, Димитрова вели дека го става на пиедестал зеленилото кое е под силен удар во денешницата во нашиот град.

„Врбата е дрво кое успева во вода, е карактеристично за Скопје, но и за целиот тек на реката Вардар, а исто така има голема еколошка улога во прочистувањето, на пример во Канада се сади на големи површини за деконтаминирање на земјата и подземните води“, ја почнува својата приказна Димитрова.

Фото: Станко Неделковски

Идејата за оваа скулптура се родила кај неа одамна, а за нејзино реализирање аплицирала уште во 2008 година на јавен оглас од Министерството за култура за градски скулптури во Централното градско подрачје . Меѓутоа тогаш идејата била ова да се постави како посебно дело во реката кое ќе кореспондира со трите згради на ГТЦ.

„При аплицирање на јавниот оглас не знаев во каква средина ќе се најде моето дело еден ден“, се потсетува Димитрова.

Проектот беше реализиран во 2012 година, врбите беа поставени и, како што вели авторката, се најдоа во средината на целиот хаос во центарот на градот.  Но, оваа скулптура набрзо ја изгуби својата уметничка вредност и стана предмет на политички пресметки или, како што потенцира авторката, делото стана главна тема на огромен број јавни дискусии, но не како уметничко дело, туку сведен на три обични дрва, како уште еден прескап дел од проектот „Скопје 2014“, иако беше дел од сосема друг проект.

„Причината за ова е фактот што проектот е многу лесен за манипулација.  Не можеш да го убедиш народот дека една зграда е грда, но многу е лесно едно современо уметничко дело да го сведеш на врби. Особено ако и самиот длабоко во себе си повеќе по украсувањето отколку упатен во современата уметност.“

Проектот „@Траги“, вели таа „е огледало на нашата средина, на нашиот однос кон современата уметност, на нашата одговорност во давање паушални оценки и судови во области кои не ни се познати, на ширење на непроверени информации т.е. поука во иднина да се замислиме за да не ни се повтори. Да не се третира едно уметничко дело како објект на политички пресметки од една страна, затоашто нашите постапки оставаат траги, а трагите може да станат дел од уметничко дело. По ниедна цена политиката да не се меша во замислата на авторот, од друга страна, затоа што делото може да добие и иронични елементи.“

„Да му речеш на уметник да го декорира своето дело е исто како на хирург да му објаснуваш како да те оперира!“, изјавува Димитрова, алудирајќи на случаите кога во некои прилики и’ нуделе украсување на постаментите на дрвјата, одејќи сосема спротивно на нејзините идеи.

„Компромис не направив туку дело кое може да го потпишам”, додава таа.

„@Траги“ се простира во 7 соби. Таа започнува со вовед во случајот, објаснувајќи ја позадината на проектот, идејата зад скулптурата и процесот на нејзиното поставување. Веднаш по неа, во вториот дел од изложбата јавно се изложени дел од документите кои се остварени при договорот за поставување на делото.

„Од мене се бараше јавно да ги приложам овие документи за да се оправдам себеси и скулптурата. Каква е таа средина која го става уметникот во ситуација да се правда? Зарем секој уметник не е должен да направи финансиски отчет пред институцијата?  Понекогаш некои соработници дури и без моја согласност пробуваа да дојдат до нив и да ги прочитаат. Бев навистина шокирана од непочитта кон некои приватни информации од страна на луѓето. Потоа сфатив дека многу поголем е интересот во финансиите отколку во уметничко дело. Па решив да создадам уметнички дела, кои ги вклучуваат финансиските податоци, така попатно ќе се погледне и делото “, раскажува Искра за идејата зад компонентите од втората соба.

Во третата соба насловена „Што напиша ликовната критика“ на ѕидовите се истакнати претежно празни, бели листови. На ваков карактеристичен начин е опишан начинот на кој ликовната сфера не стапи во било каква одбрана на модерно ликовно дело.

Но, веќе во следниот дел од проектот се наоѓаме пред ѕидови преполни со негативни цитати – критики и навредливи зборови упатени кон самото дело, насловена „Што рекоа политичарите, новинарите и јавните личности“. Според неа, тие произлегуваат можеби од неинформираноста кај креаторите на јавното мислење, што на крајот резултирало со целосно погазување на вредноста на делото, но остава публиката да увиди сама.

Еден од можеби најкарактеристичните моменти на оваа соба е машината за перење алишта поставена во средината на Чифте амам.

„Некој може да ја сфати како машина за “перење пари” друг како машина за “перење мозок” трет како машина за прочистување? Зависи од поединецот, но дефинитивно на нашево општество му треба прочистување, освестување и одговорност кон заедницата.“, нагласи Димитрова.

Фото: Станко Неделковски

По влегувањето во наредната, петта соба, насловена „Што рекоа луѓето“, веднаш се наоѓате застанати помеѓу еден куп расфрлани пластични чаши, кеси и слично ѓубре. Околу сиот тој хаос на ѕидовите се испишани многуте изговорени реченици, цитати од социјалните мрежи упатени кон делото. Повеќето се негативни, но има и храбри, позитивни реченици на ретки поединци кои се осмелиле да кажат нешто поинаку од главната струја. “Чашките и кесите се контејнери, нешта во кои решаваш што ќе “купиш”, “консумираш” и дали ќе го “фрлиш”. Зборуваме за екологија во буквална смисла, но и за социјална екологија ”, појаснува авторката.

Во следната соба посетителите можат да погледнат една презентација во која преку повеќе слики се претставени слични проекти изведени ширум светот. Станува збор за проекти во кои на сличен начин со помош на уметноста се спојуваат природата и урбаната инфраструктура преку зеленила насреде водни површини, пред облакодери, во трговски центри и слични ситуации.

„Не сакам да се споредувам, но ова е насоката во која размислував“, поентира Димитрова.

И за крај, во седмата и последна соба, по прошетката низ светот – враќање кон нашата реалност – огромно 10 метарско платно е испечатен уште еден документ, спогодбата за раскинување на Договорот. Со ова Димитрова карактеристично ја завршува оваа „прошетка“ низ, како што вели, светот на притисоците, омаловажувањата и омразата упатена кон нејзиното уметничко дело.

„Сега е конечно вистинското време искрено да се каже како стојат работите, изложбата/проектот тоа го кажува подобро отколку што јас можам вербално да објаснам“ подвлече Димитрова.

Изложбата останува отворена во галеријата „Чифте Амам“ во скопската чаршија до крајот на неделата.

Георги Божиновски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.