Австралија планира да убие над 2 милиони диви мачки до 2020 година

Во 2015 година, австралиската влада ја отпочна Стратегијата за загрозени видови. Една од нејзините четири клучни стратегии е поврзана со дивите мачки, односно политиката налага убивање на 2 милиони од овие мачки до 2020 година и нивно целосно искоренување од островите во Австралија. Во владиниот извештај се наведува дека:

„Научните докази се недвосмислени дека дивите мачки се една од најголемите закани за австралиските копнени цицачи. Тие биле главен фактор за истребување на најмалку 27 цицачи. Денес, тие се закана за најмалку 142 видови или повеќе од една третина од нашите загрозени цицачи, влекачи, жаби и птици”.

До крајот на 2016 година, истражувачите од Универзитетот RMIT во Мелбурн објавија дека околу 211.000 диви мачки веќе се убиени како дел од иницијативата, но исто така се проценува дека 83 отсто од тие животни биле застрелани, а не отруени како што претходно пишуваа повеќето светски медиуми.

За да се постигне целта, првата акција наведена од владата е „Развој и распоредување на Curiosity (Љубопитност)“, или како што ја нарекуваат – нова форма на хумана мамка.

Одделот за животна средина и енергија во Австралија посвети неколку години во развој и тестирање на мамката, која користи колбаси за да ги намами дивите мачки. Таа е долгорочен проект вреден 5,1 милиони долари и содржи мала колбаса базирана на месо во која има тврдо пластично топче со отров кој брзо се раствора во желудникот на мачката.

„Ние не ги убиваме мачките затоа што ги мразиме”, вели Грегори Ендрјус, кој работи како национален комесар за загрозени видови. „Мораме да направиме избор за да ги спасиме животните што ги сакаме, и кои не дефинираат како нација”.

Сепак, иницијативата наиде на многу критики од активисти. Повеќето критичари на планот признаваат дека дивите мачки се проблем, но тврдат дека владината стратегија не е одговорот. Наместо тоа, групите притискаат да се извршат попрецизни проценки за бројот на населението и сакаат владата да се фокусира на дивите мачки кои живеат во областите со загрозени животни.