Австралија: Одобрени рекламите кои покажуваат менструална крв

Во Австралија неодамна почнаа да се емитуваат реклами за брендот „Либра“ кој произведува санитарни производи. Тие предизвикаа лавина од реакции и поплаки од гледачите поради експлицитните слики од менструална крв прикажани во нив.

На видеата на рекламите се прикажани женски нозе со траги од крв на нив, како и извалкана долна облека. Ваквите слики натераа повеќе од 600 гледачи да испратат жалби до брендот и телевизијата која ги емитувала што е најголема бројка на поплаки за било која реклама годинава.

Но Австралијанскиот „Ад Стандардс“, регулаторна компанија задолжена за борба против дискриминација и нерегуларности во рекламниот простор, утврди дека ваквите реклами немаат никакви погрешни пораки и слики во нив.

Тие всушност позитивно ја поздравија пораката која компанијта сакала да ја испрати преку нив.

„Кампањата е одлична борба против мистификацијата на менструацијата и чекор напред кон промовирање еднаквост“, стои во соопштението од „Ад Стандардс“.

Од „Asaleo Care“, партнерот на „Либра“, изјавија дека рекламата сторила одлична работа во уривање табуа околу менструацијата. Видеата, меѓу другото, прикажуваа текстуални пораки „Менструалните периоди се нормални. Нивното прикажување треба да е исто така нормално.“

Гледачите кои испратиле официјални поплаки велат дека рекламите биле „несоодветни“ и „грозни“. На ова регулатoрите одговорија дека иако дел од гледачите не би сакале телесни течности на своите екрани, рекламите сепак не го скршиле етичкиот кодекс.

„Нема никакви несоодветности или вулгарности во овие реклами“, стои во извештајот од регулаторите. „Жените не смеат да се чувствуваат засрамени или дискриминирани  од менструалниот циклус.“