АВМУ ќе мониторира дали новинарите и уредниците се вклучуваат во активности на предизборна кампања

Сите медиуми, што одлучиле да ја покриваат изборната кампања за претстојните локални избори, која почна на 25 септември, треба да обезбедат правично, избалансирано и непристрасно медиумско претставување, потенцираше раководителката на Одделението за човекови права и медиумска писменост, во Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (АВМУ), Емилија Петреска Камењарова, при презентација на генералните насоки за медиумите за следење на кампањата.

„Медиумите треба да обезбедат еднаков пристап до сите облици на медиумско претставување, а програмите за малолетници не смеат да се користат како извор за медиумско претставување“, посочи Петреска Камењарова.

„Во вестите анализираме на кој начин се известува за работата, за редовните и вонредните активности во изборниот процес, но и на носителите на фуникции на власта, значи на централната и локалната. Ги следиме условите за пристап и третманот на учесниците во изборните информативни емисии, дебати интервјуа, дали има еднаков третман кон нив, дали се почитуваат правилата за платено политичко рекламирање и забраната за емитување реклами и финансирање од буџетски средства“, нагласи таа.

Уредници, новинари, водители и презентери, кои се вклучени во реализација на програмата, ќе бидат мониторирани дали се вклучуваат во предизборните активности на учесниците во кампањата, додека Агенцијата го следи и почитувањето на правилата за објавување резултати од анкетите.

Сашо Петрушевски од Одделението за заштита на авторски права посочи дека резултатите од анкетите поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот одреден за  одржување на изборите, значи за првиот круг на 9 октомври, а за вториот на 23 октомври.

Резултатите од спроведувањето на анкета на самиот ден на изборите не смее да се објават пред 19 часот, односно пред затворање на на избирачките места.

„Клучната оценка за тоа дали некој известува избалансирано произлегува од вестите, но секогаш надополнета со анализа и од другата програма. Мерењето на балансот во вестите има квантитативна и квалитативна насока. Првата е обемот и времето кое радиодифузерите го имаат издвоено во вестите за секој од кандидатите, а квалитетот пред се приодот, тонот на известување и врамувањето на информацијата“, рече Петреска Камењарова.

За градоначалници националните и регионалните радиодифузери треба да го почитуваат принципот на еднаквост, што значи на сите кандидати за градоначалници да им се даде приближно еднакво време.

Петреска Камењарова нагласи дека Агенцијата ќе ги следи програмите и во однос на тоа дали некој од медиумите употреба говор на омраза.

АВМУ информираше дека сите телевизии на државно ниво ќе бидат мониторирани целосно со акцент на  две изданија на дневните информативни емисии меѓу 17 и 24 часот.

Програмата на радио Скопје ќе се мониторира од шест до 24 часот, а на националните радија ќе се следат две изданија на вестите, доколку се авторски и подолги од 15 минути.

На регионално ниво ќе се мониторира програмата од шест до 24 часот со акцент на две изданија на вестите, под истите услови – да се авторски и да се подолги од 15 минути. Локалните ТВ ќе се следат од 16 до 24 часот.

Регионалните радиостаници ќе се следат од 06 до 20 часот, а локалните од 08 до 18 часот.