[Аудио] Skills that pay the bills: Успешни е-бизниси во Македонија, искуства и предизвици

Групер, Купи Книга и Пакет.мк се три успешни бизнис приказни во областа на електронската трговија во МАкедонија. Една деценија откако профункционираа првите електронски продавници, овој сектор бележи постојан раст.

Но почетоците, воопшто не биле лесни, раскажува Нина Ангеловска, од Групер, најголемата онлајн платформа на која македонските граѓани можат да купуваат зделки со попусти.

„Групер започна пред осум години, во време кога ситуацијата со е – трговијата беше сосема поинаква, немаше картички, готовина. Многу луѓе беа скептици, но со тек на време се покажа дека ние бевме ентузијатсти , а попустите се еден од главните двигатели“, раскажува Ангеловска. 

Попустите не се главниот двигател зад онлајн книжарницата КупиКнига, но и нивниот бизнис план се покажа како успешен. На македонскиот пазар опстојуваат шест години, потсетува Стефани Петковска, маркетинг асистент во компанијата Ај Воут, и одговорна за КупиКнига.мк . Купи Книга соработува со сите книжарници и издавачи во земјава. Имаат околу 50 000 наслови. Од нив, 20 000 се на српски јазик, а околу 12% од нарачките доаѓаат од странство. Немаат магицини, и сметаат дека тоа е една од нивните предности.

„Сите проблеми со кои се соочуваат продавниците кај нас ги нема. Не држиме залихи, немаме простор за магацин, нема потреба од канцеларија, и од дома може да се води бизнисот. Ние можеме многу лесно, со малку вложувања да направиме производот да изгледа интересен “, објаснува Петковска.

Развојот на е-трговијата и достапноста до интернет го олеснија купувањето за македонските граѓани, во сите сектори. Пакет.мк за една година, колку што постои, стекна 700 лојални корисници, кои пазарењето во маркет го заменија со клик на компјутер, во удобноста во својот дом или работно место. Неговиот основач, Драган Јосифовски, раскажува како студиите во Лондон му го трасираа патот во бизнисот.

 „Идејата се роди за време на мојот престој во Лондон, бев на постдипломски студии, и бев изненаден од тоа колку е развиен секторот на е-пазар. Британија е светски лидер. Бев изненаден колку добро функционира  таму. Направив паралела со македонскиот пазар и видов дека има недостиг од таква понуда.

Но да се работи е-бизнис во Македонија не е лесно, и покрај релативно малата конкуренција. Законската регулатива, платформите за онлајн праќање, но и наоѓањето едуцирани кадри за работа се само мал дел од предизвиците со кои се соочуваат младите претприемачи. Со цел нивниот глас да стигне до институциите, дел од нив се организираа во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. За претседател ја избраа една од лидерките во оваа област, Нина од Групер.

„Ние ги мапиравме предизвиците, имаме препораки, рамка што ќе ја туркаме. Ја кренавме свеста многу во изминативе години и сега треба препораките да ги реализираме“, вели Ангеловска.

Но покрај едукацијата на населението, важна е и едукацијата на идните претприемачи, смета професорот Мијалче Санта кој предава е-бизнис на Економскиот факултет во Скопје. Интересот за овој смер е голем, и постојано расте.Наместо адаптирање на постоечки бизниси, професорот смета дека мора да се размислува како македонските идеи да се пробијат директно на странските пазари.

„Недостатокот да гледаш надвор за извоз, туку да развиеш е-бизнис во Македонија, ги тера луѓето да размислуваат на ‘copy and adapt’. Гледате што има во Амаерика, што има во Германија, го земаш бизнис моделот, логиката, и го адаптирате во Македонија. Студентите ги притискам да измислат решенија, иновации кои ги нема во светот. И студентите измислуваат. И од тие 100 лица кои измислуваат  за надвор, на двајца ќе им успее да измислат нешто што ќе биде успешно и надвор од државата“, размислува професорот.

Пакет.мк засега е фокусиран на локалниот пазар. Но најавуваат сериозен инвестициски циклус за следната година, проширен асортиман, побрз сајт. КупиКнига годинава ја завршуваат со 35 000 регистрирани корисници. Ќе работат на зголемување на овој број. Од досегашното искуство, советуваат дека за успешен бизнис мора неопходно е преземање ризик. И од Групер најавуваат новини. Стигнаа до 200 000 регисстрирани корисници и солиден годишен раст. Најавите се, дека следната година компанијата ќе се прошири надвор од Македонија.

***Целиот подкаст посветен на е-трговијата во Македонија, може да го слушнете ОВДЕ

Јасмина Јакимова