[Аудио] Skills that pay the bills: Може ли да се живее од креативноста во Македонија?

Се појави пред шест месеци, а нејзиниот глас стана еден од најпрепознатливите кај најмладата публика во Македонија. Десетината цртани филмови и песнички со ликот на Биби имаат неколку стотици илјади прегледи на Јутјуб. А анимираниот лик во меѓувреме се прошири и на сликовници, боенки, па се до едукативна апликација за смартфони.

Биби се „родила“ како заштитно лице за вебсајтот Деца.мк. Марјан Алексовски, еден од основачите на Факултети.мк и Деца.мк, кои стојат зад брендот на Биби, објаснува дека, откако ги добиле првичните илустрации, дизајнот го презентирале пред специфична фокус група:

„Ги викнавме нашите деца. Вработените овде имаме добра фокус група на дечиња. И тие кажуваа како да изгледа косата на Биби и останатиот нејзин изглед. Некако го склопивме ликот и потоа решивме – ок, супер изгледа, ајде сега да направиме Биби малку да мрда. Така дојде и до првата анимација и почнавме малку посериозно да работиме на оваа професија за која е потребен многу труд за да се направи една анимација“, вели Алексовски.

Во Македонија последниве години речиси нема цртани на македонски јазик. Најголемиот дел од родителите се приморани или на своите деца да им пуштаат стари цртани филмови кои можат да се најдат на интернет, или да се надеваат дека цртаните филмови кои се нудат на странските детски телевизиски канали ќе имаат синхронизација на македонски јазик. Алексовски вели дека со ликот на Биби се обидуваат да ја пополнат оваа празнина, каде децата со Прасето Пепа, Маша и Медо и Дора и Диего пред екраните најпрво го учат англискиот и рускиот, наместо мајчиниот јазик.

Додека креативните индустрии од овој тип во светот прават огромни заработки, сепак, Алексовски вели дека во Македонија со производ како Биби сè уште не можат да стигнат „на нула“. Но, немаат намера да се откажат, туку да направат модел кој ќе биде самоодржлив и со кој ќе излезат и надвор од државава. Или, низ зборовите на Алексовски – Ако може Дора, зошто да не може и Биби?

„Треба да помине 1 до 2 години за ова да почне да биде исплатливо. Ние го работиме факултети.мк како сајт и како таков генерира доволно приход за да можеме, колку толку, да го покриваме овој трошок. Она што ни е следна цел, е анимираниот лик да го приспособиме за надвор и веќе сме во преговори да работиме на албански, на бугарски и на српски јазик“, објаснува.

Креативните индустрии во светот остваруваат преку 2,3 трилиони долари приход, или 3% од светскиот бруто домашен производ, а вработуваат околу 30 милиони луѓе.

Но освен финансиската страна, економистите сметаат дека оваа индустрија има уште две клучни придобивки во општеството – секторот вклучува повеќе жени од сите останати традиционални индустрии и многу придонесува за вработувањето на младите и за развој на нивните кариери.

Ристо Манасиев е еден од оние кои избрале кариера токму во оваа индустрија. Иако е дипломиран стоматолог, последниве четири години работи како 2Д аниматор, илустратор и графички дизајнер во сите гранки на дигиталната уметност – од анимации за цртани филмови до видеоигри. Првично вработен во анимациско студио, а сега како фриленсер. Самиот научил како да анимира, за сега тоа да му биде работа во која конечно ја споил пасијата и начинот на заработка.

„За мене, тоа да работам во оваа дигитална уметност беше работа од соништата. Ја видов таа прилика за да можат да го работам и она што отсекогаш сум го сакам, како и мојот труд да биде вреднуван и ислпатен. Долги години посветив на себенадоградбата. Живееме во време каде преку интернетот ни се достапни многу информации, така што добар дел од лекциите ги имам научено на интернет и Јутјуб“, вели Манасиев.

За младите аниматори денеска има голем број ресурси кои им стојат на располагање – од социјалните мрежи, преку интернет страници за себепромоција и наоѓање работа, а веќе постојат и приватни факултети кои нудат едукација во овие дигитални и визуелни области.

Но, во владините политики, креативната индустрија е прилично потценета категорија во моментов. И покрај тоа што секторот „Уметност, забава и рекреација“ покажува најголем раст од сите сектори во БДП на Македонија во изминатата 2018 година, сепак во Индустриската стратегија 2018- 2027 година на Министерството за економија фразата „креативна индустрија“ се среќава само еднаш и се однесува на акциски планови на Европската Унија.

Манасиев е уврен дека оваа област во Македонија има голем потенцијал.

„Гејминг индустријата веќе стана поголема и од филмската. Тоа се компании кои вртат милијарди и милијарди. Фактот што има експанзија на овој тип бизнис во светот, мислам дека и во Македонија со тек на времето ќе стане мејнстрим. Таа некоја стигматизација на овој тип професии да биде тргната и да имаме многу повеќе опции и фирми кои ќе се бават со ова. Без разлика дали ќе биде тоа „аутсорсинг“ во соработка со странски компании, или ќе охраврат да отворат сопствен бизнис и еден ден да имаме едно големо македонско име во цртаниот филм, гејмингот или слично“, смета тој.

Уште една гранка од креативната индустрија која бележи одлични резултати во македонски услови се друштвените игри, попознати во светот како борд-гејмс.

Дизајнерот Борис Момиќ работел на пет наслови. Вели дека во овој бизнис се малку луѓе но со големи амбиции да се развиваат.

„Почнува од идеја. Дел од нашите игри се со идеи на странски дизајнери. И луѓето во странство се поподготвени да ризикуваат. Го смислил концептот и ни го испраќа – Пробајте ја играта, ако ви се допаѓа, ајде да соработуваме. Таков е пристапот во странство со дизајнерите. Кај нас бидејќи дизајнерите се малку, уште ја немаат таа самодоверба да пресечат и таа несигурност уште ја смируваме и се учиме како да соработуваме“, објаснува Момиќ.

По идејата следува тимска работа, но на крајот можеби најважниот момент е маркетингот.

„Нема поента и да ја имаш најдобрата игра на светот, ако никој не знае дека таа игра постои. Јас морам да направам добра работа за играта да биде добра, ама колку играта ќе биде успешна зависи од тоа кој ќе ја рекламира и како ќе ја продаде“.

Две компании од Македонија, кои работат на ова поле имаат одличен успех надвор од земјава. Нивните игри, преку краудфандинг кампањите собираат и по неколку стотици илјади евра по игра.

„Пред пет години стана светски популарно и стана во ред да играш вакви игри и да не одиш во дискотека. Со тој бран се појави и Кикстартер, каде нашите фирми беа меѓу првите и тоа беше пресуден фактор за успех и добро реноме“, вели Момиќ.

„Дури и со големите проекти од 500-600 илјади долари не е тоа доволно за ние да си живееме раат, туку тоа се пари кои се вртат, одат во производство и мора да ги реинвестираш за да направиш нешто ново. По пат ќе остане нешто за секого, но побитно ми е на 30 години да си ја градам репутацијата, отколку да заработувам многу пари на секое „проектче“ и да одам со девојка ми на одмор“, додава тој.

Креативната индустрија не е само најбрзорастечкиот сектор во светската економија, туку и еден од најтрансформативните според генерирањето приходи, извозод и креирањето работни места. Она што е можеби и поважно е тоа што стимулира иновација и креативност, додека производите остануваат засекогаш, во медиумските или интернет архивите, или на вашите полици во домот.

Даниел Евросимоски