[Аудио] „Добро“ – нова песна на SEERma

Нов експериментално музичко – поетски спот и песна од Ивана Харикли, позната како SEERma, со наслов „Добро“. Се работи за снимка од жива изведба.

Текстот, вокалот и монтажата се нејзини, а музиката и вокалите на Little Fish.

Песната е дел од нов албум кој треба да излезе до крајот на годината, открива Харикли за Радио МОФ.

Видео материјалите се од ланскиот перформанс „Перспектива“. Станува збор за нејзиниот прв самостоен дванесетчасовен перформанс на отворено, кој се одржа во Скопје како дел од програмата „Нов културен бран“ на Министерството за култура.

Харикли е авторка и на проектот „Македонско девојче”, за кој соработуваше со Баже ДСЦ, Druggy, IWASS и Јордан Костов. Претходно, заедно со Димитар Додовски (‘Potential worlds’) учествуваше на „Десонанс” фестивал, 2015. Низ годините има и неколку гостувања на „Поетри слем Македонија”, „Астални проекции”, „Пич прич” слем, „Друга приказна” фестивал, „Скопје тест”, „Локомотива“ и „Песнило“.

Нејзиното прво EP „Одасфалтирај ме“ во соработка со Петар Јовановски, Дину Вангели и Михајло Стојанов излезе во 2015-тата година. Изминатава година таа изложи и дел од #мојмузеј проектот како дел од Сирова култура на МКЦ, а одржа и мини концерт за отворањето на ланскиот „Синедејс“. Моментално работи на развивање на „Етно Нинтендото“.