[Аудио] Аријана и Бојан Коскарови од листата „30 под 30“ на Форбс: Сакаме да направиме промена во општеството

Аријана Коскарова и Бојан Коскаров од Македонија се најдоа на новата листа „30 под 30“ во Европа која ја прави магазинот Форбс. Тие го добија ова признание во категоријата „социјални претприемачи“ со нивниот модел на иновативно неформално образование – Creative Hub.

Со братот и сестрата Коскарови поразговаравме за тоа како стигнаа до оваа престижна листа на успешни млади луѓе, за нивната мотивација да покренат сопствен бизнис, дали стравувале од неуспех и какви совети имаат за младите претприемачи од земјава.

Што значи тоа што сте вброени на листата на Форбс „30 под 30“ за вас како млади претприемачи од земја како Македонија?  

Аријана: Тоа е навистина голем, дури незамислив успех. Мене ми е остварување на еден сон. Годинава имав можност да бидам дел од неколку самити како гостин, да се запознаам со млади луѓе кои веќе беа на листата и нормално дека размислуваш и ти да бидеш еден од тие луѓе. Кога дознавме не ни се веруваше што направивме за една и пол година како Creative Hub.

Која беше мотивацијата да започнете сопствен бизнис?

Бојан: Најпрво беше да се предизвикаме како претприемачи, а второ, сакавме да направиме одредена промена во општеството. Има едно правило – доколку не знаете што сакате да правите, или што сакате да бидете во животот, видете што е она што му фали на општеството па одете според тоа. Во случајов, кај нас во општеството фалат доста работи, една од нив е кадарот и неформалното образование. Ние доаѓаме од едно семејство на универзитетски професори, па едукацијата е нешто со што сме доста запознаени. Затоа и направивме центар за неформално образование, бидејќи сакавме да помогнеме во тој оддел.

Колку младите од земјава се подготвени за сопствен бизнис?

Аријана: Генерално младите имаат идеи но немаат акција, немаат насока. Не знаат како би започнале, како би ги искористиле парите. Колку проценти треба да оди на маркетинг, колку би била киријата, што значи да регистрираш фирма, колку е данокот… Сметам дека недостасува повеќе едукација на младите во тој аспект за да имаат повеќе стабилност и сигурност да отворат фирма. Кога ние отворивме фирма, стоиме со брат ми пред банка со 5.000 евра кои се потребни како депозит, и тој ми вели: „Ако пропаднат, ќе ти биде ли криво?“. Јас велам: „Не, ќе ги направиме пак“… Сè може да се научи само ако се почне.

Двајцата сте помлади од 30 години, дали стравувавте од можен неуспех кога се одлучувавте да започнете ваш бизнис?

Бојан: Немав страв од неуспех. Бидејќи не можеше да се случи тоа, затоа што сметам дека сè што ќе направиш, дури и да не успееш во бизнисот, толку многу добиваш искуство и знаење со што пак ќе вредеше тоа што сме го започнале. Секако дека имав одреден страв, бидејќи се чувствував неискусен. Сè уште го немам завршено факултетот, а требаше да влезам во бизнис водите што е нешто ново за мене. Не потекнуваме од бизнис семејство, каде некој би можел да ни пренесе претходно искуство, туку едноставно тргнавме. Немавме ни бизнис план, не знаевме ниту како да отвориме фирма, па моравме да се консултираме со сметководители и консултанти… На почетокот се чувствував несигурен и неискусен, но, во секој случај, верував во себеси. Не се плашев од неуспехот, дури и го поканувам.

Целото интервју со Аријана и Бојан Коскарови, во аудио верзија, погледнете го на линкот погоре во текстот.

Даниел Евросимоски

***

Целта на интервјуто е да ангажира млади лидери преку претприемништво и да ја подобри свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.

Интервјуто беше изработено со поддршка од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE) во рамките на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“. Не ги претставува ставовите на Центарот. Проектот го спроведуваат Младинскиот образовен форум (МОФ) и Институтот за европска политика (ЕПИ).