Аудиција за филмот „Безимени“ на режисерот Вардан Тозија

Агенцијата „Гужва кастинг“ организира отворена аудиција за главните и споредни машки улоги во долгометражниот игран филм со работен наслов „Безимени“ на македонскиот режисер Вардан Тозија.

За пријавување не се бара претходно актерско искуство, а возрасната граница се движи помеѓу 16 и 20 години.

Аудицијата ќе се одржи во џебното кино на Младинскиот културен центар, во сабота (31 јануари) и недела (1 февруари) од 10:00 до 20:00 часот.

„Безимени“ е филм за група млади деликвенти, кои, потиснати преку неправди до самиот раб на општеството, го одбираат својот пат за опстанок преку единствениот начин што го познаваат – бескомпромисна улична борба до последен здив.